Советот на ЕУ продолжува со санкции против Русија за анексијата на Крим до 2025 година

од Илинка Илиоска
254 прегледи

Советот на Европска унија денеска донесе одлука за продолжување на рестриктивните мерки, воведени во одговор на илегалната анексија на полуостровот Крим и градот Севастопол од страна на Русија, со цел да ги заштити суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Санкциите вклучуваат забрани за увоз на производи од Крим и Севастопол во ЕУ, како и за инвестиции во инфраструктура, финансии и туристички услуги на овие територии.

Овие рестрикции, воведени првпат во јуни 2014 година, се продолжуваат до 23 јуни 2025 година. Дополнително, се забранува извоз на одредени стоки и технологии од ЕУ за Крим, кои можат да се користат во различни сектори како што се транспорт, телекомуникации, енергетика, како и за истражување и производство на нафта, гас и други минерални ресурси.

Европската унија истакна дека не признава и продолжува да осудува анексијата на Крим и Севастопол како кршење на меѓународното право. Од 2022 година, дополнително се нагласува руската агресија врз Украина и нејзиното право на самоодбрана. ЕУ ја потврдува својата посветеност кон заштита на независноста и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници и спроведување на политиката за непризнавање на анексираните територии од страна на Русија.

Слични содржини