Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по вчерашниот разговор во информативната емисија на Телевизија Сител во 19:00 часот, изразува сериозна загриженост поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ – Латас и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев.

ЛОГО НА СЕММ_2 logo-cemm-1

Служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија. Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста.

Фундаментална цел во работењето на медиумот е да и’ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти. Служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи. Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања.

Повикуваме на соработка од уредништвото на оваа телевизија, кое има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, со цел да се стекне и одржува доверба на јавноста во информирањето. Апелираме до медиумот да биде свесен за својата професионална одговорност кон публиката и да им даде предност на вистинитоста и на потврдувањето на информациите од повеќе извори наспроти едностраното информирање.

Во исто време, ги повикуваме граѓаните и пошироката јавност да реагираат до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите доколку забележуваат примери на неетичко и непрофесионално однесување во медиумското известување.

Слични содржини