Спасовски: Годинава сузбиени се 13 организирани криминални групи во кои членувале над 100 лица

од Nikola Popovski

Сузбиени се вкупно 13 организирани криминални групи во кои членувале над 100 лица, за недозволена трговија со дрога, оружје, криумчарење мигранти, културно наследство, но и злоупотреба на службена положба и перење пари, а во делот на спречување на корупција откривме околу 120 кривични дела, „тешки“ 350 милиони денари, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешниот годишен брифинг со новинарите, осврнувајќи за постигнатото на институцијата во текот на 2023 година.

Според него, годината ја завршуваат и со 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но отпочнат е реконструкциски зафат на Управните служби во МТВ, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово.

-Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекти, по веќе функционалниот ИКТ Центар во Прилеп, а тоа се – најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме, рече меѓу другото министерот.

Спасовски се осврна и на унапредувањето на социјалниот статус на вработените во МВР.

-По минатогодишното зголемување на платите за 5%, годинава платите ги зголемивме во два наврати, и тоа прво линеарно, во бруто износ од 3.086 ден, а потоа за уште за 10%, согласно новиот Општ колективен договор. Овој месец беше исплатен и надоместокот за годишен одмор за 2023 за вработените во МВР. Значи, во овие 6 години на полициските службениците и вработените во МВР им се зголемија платите за 35%, преку петте покачувања на платата за сите, но и 4 дополнителни покачувања за одредени категории работни места, како и 6 редовно исплатени бонус плати, со една единствена цел – создавање задоволна и мотивирана полиција која ја гарантира безбедноста на граѓаните, порачал првиот човек на полицијата.

Слични содржини