Спасовски: Ја исполнивме нашата обврска да ја афирмираме посебноста на македонскиот јазик

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски упати честитка до православните верници по повод Св. Климент Охридски – Чудотворец.

„Во мое лично име и во име на МВР, на сите православни верници упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски – Чудотворец, со желби за здравје, мир и хармонија.

Свети Климент, најистакнатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, кој со својата верба и дела стана прв македонски епископ и творец на Охридската книжевна школа, е основоположникот на македонските писменост и култура.

Трансформирајќи го Охрид во лулка на словенската писменост и култура, тој се грижел за негувањето и на самото христијанство на Балканот. Се претпоставува и дека тој е авторот на двете житија за Св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, во одбрана на правото на свој јазик, писменост и култура.

Оттаму, Свети Климент има значаен придонес во историскиот континуитет на создавањето на македонскиот народ, македонскиот јазик и култура, секако, и на македонскиот идентитет. Неговите подвизи се трајно врежани во македонското културно наследство, но и во историјата, традицијата и културата на многу европски земји.

А, ние, нашата обврска да ја афирмираме посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо во ООН и ЕУ, ја исполнивме, и го потврдивме македонскиот идентитет – остануваме доследни, сегашните и идните генерации, кон таа света обврска оставена во аманет од духовните лидери кои се вградиле во македонската и севкупната европска култура. И, секогаш на тој пат да бидеме инспирирани од Климентовите учења, со вербата во доброто, да ги негуваме највисоките цивилизациски вредности на хуманост и солидарност.

Нека е за многу години празникот на Свети Климент Охридски“, стои во честитката на Спасовски.

Слични содржини