Специјализантите со нов протест пред Министерството за здравство

од Nikola Popovski

„5 до 12 за македонското здравство“, со оваа парола приватните специјализанти ќе го продолжат протестот за, како што велат, достоинствена плата и живот, пред Министерството за здравство. Не го прифаќаат одговорот од Владата дека работниот статус ќе им се решава по изборите. Револтирани се од етикетирањето на министерот за здравство, кој претходно им порача дека овој штрајк има политичка позадина. Бараат покачување на нивните плати кои во моментот изнесуваат 26.000 денари, здравствено осигурување и да добијат договор за вработување.

Во меѓувреме, на клиниките се чувствува недостиг од лекари, и метежот се зголемува.

На 15. седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата.

„Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Република Северна Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности. Владата, во активна соработка со специјализантите, досега покажа огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и е одлучна да продолжи во оваа насока, кон решавање на сите прашања од нивен и јавен интерес, во функција на здравјето на граѓаните. Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници“, се вели во соопштението на Владата.

Носителот на листа во 4-тата изборна единица и екс-министер за здравство, Венко Филипче порача дека во новото Собрание, ќе предложи да се регулира статусот на приватните специјализантите, месечниот надоместок, здравственото осигурување и породилното отсуство.

„На една од првите седници во новоформираниот Парламент по изборите јас лично ќе поднесам амандман со кој законски ќе се регулира статусот на приватните специјализантите, месечниот надоместок, здравственото осигурување и породилното отсуство“, рече Филипче.

Тој истакна дека специјализантите ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари.

Слични содржини