Споменикот од Горан Стефановски ќе биде поставен во Дебар Маало

од Andreja Salpe

Во знак на сеќавање на доајенот на македонската современа книжевност, семејството Стефановски ќе ја подари скулптурата на Општина Центар, со цел да се реализира Одлуката за подигнување спомен-обележје на Горан Стефановски, што Советот на Општина Центар ја донесе во месец февруари 2019 година.

Советот на Општина Центар ја усвои Одлуката за прифаќање донација од семејството на писателот Горан Стефановски и на Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски.

„Не постои подобар начин од споделување на најпознатите мисли и реплики за славење на величината на творечкиот опус на Горан Стефановски. Со поставување на спомен-обележјето на писателот Горан Стефановски во неговото омилено Дебар Маало, ние граѓаните ќе имаме можност секојдневно да се потсетуваме на ликот и делото на еден од нашите најистакнати писатели, драматурзи и сценаристи во нашата држава. Особено сум горд на новоформираното Здружение за зачувување на културното наследство на Горан Стефановски и благодарен до неговото семејство кое активно ќе работи за афирмација и промоција на неговите дела, секогаш да бидат достапни во печатено и дигитално издание за љубителителите на неговиот збор“.

Инаку, скулптурата е изработена од скулпторот Стивен Мелтон и излеана во бронза во леарницата Spaser во Маргејт, Англија, а ќе биде поставена во Дебар Маало во паркчето спроти општинските бараки, веднаш до чинарот, кое за роденденот на Стефановски на 27 април беше засадено во знак на негово сеќавање.

Општина Центар секоја година со пригоден настан го одбележува роденденот на писателот Горан Стефановски, како дел од општинската Програма за култура, со исклучок на минатата година заради пандемијата на Ковид-19.

Слични содржини