Спортската арена станува центар за имунизација

од Берта Китинска

Масовната имунизација започнува денес во  спортскиот центар „Борис Трајковски“.Вакцинирањето ќе се одвива на 48 пунктови, а закажани се термини за 3000 граѓани.

Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.

– Апелирам на што поголемо вклучување во оваа акција на масовна вакцинација на населението. Од понеделник започнуваме со вакцинација на критичната група на граѓани од Б фазата според Националниот план за имунизација и ги повикувам сите кои не се пријавени до сега да го сторат тоа. Само на овој начин со голема заинтересираност во процесот на имунизација можеме да придонесеме до подобро утре за нас и за нашите најблиски, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Со новата пратка на вакцините „Спутник V“,денеска ќе се вакцинираат вработени во МВР, во Армијата, во јавниот транспорт….

-Со оваа вакцина ќе се вакцинираат вработени во МВР, делот од Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија, истакна Филипче.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.867, бројката на оздравени пациенти е 109.297, на починати е 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.

Слични содржини