Српски верски аналитичар за „Локално“: Цариград ќе даде полуавтокефалност на МПЦ, која што повеќе ќе личи на парохија

од Nikola Popovski

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј во вторникот на заедничката литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, соопшти дека ја признаат автокефалноста на Македонската православна црква- Охридскаа архиепископија (МПЦ-ОА). „Светиот архиерејски синод едногласно одговори на барањата на МПЦ-ОА и ја благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалноста“, рече патријархот Порфириј во говорот. Како што појасни, потоа ќе бидат информирани сите православни цркви и повикани да ја прифатат оваа автокефалност, наведувајќи дека е сигурен дека сите ќе го направат тоа „со радост“.

Српскиот верски аналитичар Жељко Ињац во разговор за „Локално“ објаснува повеќе околу радосната вест за православниот свет, особено македонскиот народ и црква. Тој исто така ја изразува честитки затоа што Македонската црква конечно се обедини со сите православни христијани и македонскиот народ ја доби својата црква која толку долго ја сакаше.

-Она што на нецрковните националисти од двете страни им изгледа како разделување, на нас верниците ни претставува единство затоа што сега сме дел од иста црква, ги имаме истите свети тајни, истото заедништво и не постои страв дека агресивно прозелитирање политиката ќе го преобрати православниот народ во Македонија во друга вера, вели Ињац.

Тој вели дека „како Србин е загрижен сум за српското културно наследство во Македонија, кое не е мало, бидејќи досегашната државна политика, под чие строго управување беше и МПЦ не уверуваше дека ова наследство ќе се чува на соодветен начин“.

-Српската црква во 1959 година и го предала на Македонија целиот црковен имот, од кој добар дел е од времето на Немањиќ. Се надевам дека двете цркви ќе најдат начин да го зачуваат ова заедничко културно богатство без суштински промени, не поради некакви големосрпски претензии, туку едноставно заради зачувување на добрите и братски односи, посочува аналитичарот.

Со вчерашната одлука, Порфириј покажа дека пред се е човек на црквата, а не како што многумина недобронамерни луѓе го сметаат за државен проект на Србија, оценува Ињац.

-Државата Србија реално нема никаков интерес да ја признае автокефалноста на Македонската црква. Но, за секој искрен верник, радоста на ближните е и негова лична радост. Македонците сакаа автокефалност, Порфириј им ја даде. Сега останува на другите локални цркви да го потврдат тоа, додава Ињац.

Околу најавениот томос за автокефалност, српскиот аналитичари вели дека него веќе го доделил покојниот патријарх Павле по Нишкиот договор и тоа требало да биде првиот чекор кон доделување на томосот за автокефалност.

-Политиката подоцна го направи своето и агонијата продолжи речиси уште 20 години. Вселенската патријаршија секако ќе се обиде да ја потчини новата македонска црква, како што тоа го направи со расколничката црква во Украина, давајќи ѝ еден вид полуавтокефалност со создавање црква што повеќе личи на парохија отколку на локална црква, за да ги оправда да ги оправда своите неопапистички претензии. Но, единствено валидно е тоа сите помесни цркви ја признаат Македонската црква под нејзиното целосно име и презиме, по древната православна практика.

Телевизија Храм

Вселенската патријаршија е мајка на сите словенски цркви, но не е мајка на сите цркви, таа е сепак Ерусалимска патријаршија. Сега во МПЦ мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос, без разлика кој ќе го додели, порачува Ињац.

Српскиот аналитичар претпоставува дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе направи нешто слично како српскиот патријарх, без давање томос, но најверојатно нема да ја пропушти приликата да го нагласи неговиот наводен примат во православната црква и тоа ќе биде крај, барем во оваа фаза.

Ињац информира дека МПЦ ќе остане архиепископија, како што била Српската црква по добивањето на автокефалност и тоа ќе биде сосема извесно одреден историски период.

-За патријаршија се потребни дополнителни услови и согласности од другите клучни помесни цркви, кои тешко дека ќе имаат разбирање новоформираната црква толку брзо да ја подигнат во статус на патријаршија, потецира тој.

На прашањето дали најавениот томос за автокефалност на МПЦ ќе важи и за епархиите надвор од територијата на Македонија, аналитичарот вели дека тоа ќе зависи од тоа кој ќе го додели томосот.

-Ако го дадат Србите, ќе биде, како што се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ, дека МПЦ ќе ја добие сета јурисдикција над своите верници, како во татковината, така и во дијаспората. Ако го даде Вселенската патријаршија, која има претензии кон дијаспората на сите помесни цркви, тешко дека МПЦ ќе ја задржи дијаспората. Тоа е сега борбата пред МПЦ за целосна јурисдикција над своите верници и балансирање меѓу СПЦ и Цариград. Српската православна црква не може повеќе од ова, а зад Вселенската патријаршија стојат моќни светски центри. Од МПЦ и властите треба да бидат мудри да не се замерат со моќниците, а сепак да се изборат за своите права. На вашата црква и натаму ѝ претстои мачна и тешка борба да ја потврди својата духовна самостојност, порачува Ињац.

Фото: Телевизија Храм

Н.П.

Слични содржини