Стојков: Ако владеачките партии дојдат на отворањето ќе испратат порака дека сите фактори во Македонија им даваат поддршка на Македонците во Бугарија

од Nikola Popovski

Мислам дека е во прашање недоразбирање. Нема потреба од дозвола за отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, изјави за „Локално“ членот на претседателството на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден-Пирин Стојко Стојков.

Тој потенцира дека според бугарскиот закон за самиот настан е собирањето на луѓе, свеченостите и слично, се известува градоначалникот и тој ако има проблем треба да реагира во рок од 24 часа, а доколку не го направи – настанот е официјално дозволен и токму тоа се случи.

-Беше дадено известување и градоначалникот не забрани, што значи дека одобрил, посочува Стојков.

Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов вчера соопшти дека добил покана за да присуствува на отворањето, но ја одбил. На тоа Стојков вели дека е очекувана одлука.

-И да би сакал не би смеел. Таква е атмосферата во Бугарија, смета членот на ОМО Илинден-Пирин.

Стојков жали што премиерот Димитар Ковачевски не се одзвал на поканата да присуствува во недела во Благоевград.

-Штета што не ја прифатил поканата. Создавателите на клубот му укажаа чест. Ако како што најавува планира втор клуб во Благоевград да отвора, не ми е јасно каква е смислата. Поарно да отвори во друг град, во Благоевград веќе има, вели Стојков.

На отворањето на „Никола Вапцаров“ присуство најавија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и делегација на Левица, а Стојков посочува дека поканата од организаторите била отворена до сите.

-Сите се добредојдени. Кои сакаа – доаѓаат. Кој со какви мотиви доаѓа, си е негова работа, јас не можам да проценувам. На сите што доаѓаат можеме само да им сме благодарни. Штета што од владеачките партии не доаѓаат, но тоа исто си е нивен избор. Ако дојдеа пораката ќе беше дека сите фактори во Македонија им даваат поддршка на Македонците во Бугарија. Убаво е Македонците во Бугарија да видат, слушнат, почувствуваат малку братска грижа и солидарност. Премногу често се заборавени од македонската држава, смета членот на партијата на Македонците.

На прашањето дали очекува евентуални проблеми после отворањето на македонскиот клуб, налик на оштетувањата на бугарските клубови во Македонија, Стојков истакна дека е можно. 

-Иако нема причина за такви работи – овој клуб не е провокативен, сепак е сосема можно, тоа периодично се случува – еве имаше оштетувања на два македонски клубови овде во последните два месеци. Навикнати сме, порача тој.

Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов вчера истакна дека ниту издал дозвола, ниту забранил отворање македонски културен клуб.

-Ако некој шпекулира со моето име и институцијата на градоначалникот, тоа е лага, рече Стојанов, цитиран од бугарски „24 часа“.

Според него, овој настан нема никаква врска со општината.

Отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ го иницираше Друштвото за заштита на основни човекови права во Благоевград.

Н.П.

Слични содржини