Страшниот дух на инфлацијата кружи низ светот, ќе мора да се навикнеме на порастот на цените

од Stefanija Kuzmanovska

Не е изненадувачки ако цените ненадејно растат по закрепнувањето на економијата по пандемијата, но ако на тоа се додадат „бесплатни пари“ и големи државни пакети помош за економијата – тогаш инфлацијата тропа на вратата. Дали сè ќе поскапува цело време?

Економистите без поголеми грижи го следат тековното зголемување на цените во процесот на враќањето на старо на светската економија. Новите околности предизвикаа поголема побарувачка – а со тоа и повисока цена на енергијата, суровините и целиот синџир на снабдување сè уште не работи правилно. Што се однесува до тоа, сигурно е дека во догледно време, понудата ќе се зголеми, а цените повторно ќе паднат.

Кога на тоа ќе се додадат дури и негативните каматни стапки на централните банки за да се пласираат пари, тогаш предвидувањата се покомплицирани. Федералните резерви на САД – централната банка таму, објавија дека следната година ќе ја зголемат есконтната стапка во два чекори, што предизвика паника кај берзанските шпекуланти кои се научија на поплава од државни пари, но без да падне нивната вредност.

Томас Мејер од економскиот институт „Флосбах фон Шторх“ во Келн веќе долго време е огорчен поради ниската каматна стапка на Европската централна банка. Тој не смета дека паниката меѓу шпекулантите на берзата е оправдана, но овој пат предупредува дека „старите механизми“ со кои централните банки можат да ја зауздаат инфлацијата повеќе не функционираат, затоа што се разбиени, пишува Мајер во коментар за весникот„Велт“.

„Европската централна банка не може да воведе повисоки референтни каматни стапки без да ја загрози стабилноста на високо задолжените земји како што е Италија“, предупредува Габриел Фелбермајер од Институтот за светска економија во Кил.

Кога сè ќе се додаде, тоа значи дека ќе мора да се навикнеме на повисока стапка на инфлација. Институтот проценува дека оваа година ќе биде 2,6 проценти, највисока од 2008 година, но ниту тоа не е крај – ќе мора да се навикнеме на зголемувањето на цената дури и кога ќе поминат ефектите од пандемијата.

Најголемото внесување пари во историјата

Фридрих Хајнеман од Центарот за европски економски истражувања во Манхајм, исто така, е малку загрижен, од повеќе причини. Првиот е психолошки: особено во Соединетите држави, многумина веќе веруваат дека инфлацијата доаѓа, а кога луѓето веруваат, тогаш инфлацијата доаѓа. И тогаш, кога стапката на инфлација во САД во моментов достигна дури пет проценти, се заканува на влез во магичен круг.

„Таа инфлација од пет проценти во САД беше вистински шок. Знаеме дека цените и платите во САД се многу пофлексибилни отколку во Европа, па стапката на пораст реагираше многу посилно на закрепнувањето. Толку висок процент беше изненадување“, вели Хајнеман.

Втората причина е уште посериозна: овој март, САД одлучија да го започнат најголемиот пакет за економско закрепнување во историјата на таа земја во износ од 1,9 трилиони долари (1.900 милијарди) – тоа е осум проценти од БДП на таа земја. Таков куп пари неизбежно ќе влијае на неговата вредност.

„Владата на Бајден создава долг со стапка што никогаш не била видена во мирно време. Федералните резерви сè уште нудат нула каматни стапки за да може да се финансираат историски високите дефицити“, рече Хајнеман.

Ова може да се види до одреден степен во Европа, но „европските министри за финансии се уште се мали бебиња во однос на новите долгови во споредба со американскиот министер за финансии Jелен. Оваа мешавина на позајмици, купување хартии од вредност од централната банка и нула проценти од референтната стапка е веќе во САД е толку екстремна што тогаш доаѓа до непријатно изненадување од инфлацијата“.

Колку побрзо започнат …

Во секој случај, притисокот врз централните банки веќе расте за да се смири опасната инфлација, особено кога станува збор за купување хартии од вредност. Но, пазарот на пари веќе стана вистински наркоман во зависност од ефтините пари на централните банки. Веќе намалувањето на таа доза може да предизвика шок на пазарот на пари. „Тоа е голем проблем“, признава Хајнеман.

„Во Европа, Соединетите држави и Јапонија, централните банки се сметаат со децении како гаранција за стабилноста на банките, берзите и земјите. Досега, сè помина добро затоа што со децении немавме вистински удар на инфлацијата. Можеби сега е тест дали централните банки се сè уште слободни и независни да се борат за стабилноста на цените. Имам дилеми и кога станува збор за Европската централна банка и Федералните резерви, иако од различни причини“, вели економистот од Манхајм.

САД не можат да си дозволат нагло и трајно опаѓање на вредноста на берзите, бидејќи тоа ќе ги загрози не само приватниот имот, туку и тамошните пензиски фондови. И, Европа не може да си дозволи високи каматни стапки без да ги загрози земјите опфатени со долгови, како Италија, кои се целосно обесени на кислородното шише со негативни каматни стапки од страна на Европската централна банка, вели Хајнеман.

Таа зависност се зголеми уште повеќе за време на пандемијата, така што централните банки навистина можат да влезат во ситуација на инфлација – и да немаат инструменти за нејзино ограничување.

Сепак, постојат шанси – но исто така ви треба памет и одлучност. И треба да започне веднаш, како во Европа, така и во САД.

„Колку побрзо централните банки започнат да го подготвуваат пазарот за да излезат од екстремна експанзија, толку полесно ќе избегнат подоцна да ги притиснат „до крај“ сопирачките, вели економистот.

Решението се чини логично и едноставно: токму овие пакети за конјунктурна помош треба да го заменат вештачкото одржување на ниските каматни стапки во задолжените земји.

Сега е вистинското време: Европската комисија штотуку започна да ги испраќа првите милијарди од пакетот 750 милијарди помош за закрепнување од пандемијата до земјите-членки.

„Нема да има подобро време за Европската централна банка да ја укине оваа дрога наречена каматна стапка од нула“, заклучува Хајнеман.

Слични содржини