Судот во Лос Анџелес го отфрли барањето на пејачката и актерка Шер за привремено старателство над имотот на нејзиниот син Елајџа Блу Алман.
Судијката на вчерашното рочиште оценила дека не постои доволно итна причина за таква мерка, пренесе „Пипл“.
Шер поднела барање за старателство претходно овој месец, тврдејќи дека нејзиниот 49-годишен син е „тешко онеспособен“ поради проблемите со менталното здравје и зависноста, како и дека и не е во можност да управува со своите финансии.
Елајџа Блу Алман учествувал на рочиштето преку видеоврска од психијатриска установа, каде што во моментов се наоѓа додека не се процени неговата способност да учествува во два кривични случаи што се водат против него во американската сојузна држава Њу Хемпшир.
Судијката навела дека, со оглед на неговата моментална состојба и правните проблеми, постои мала веројатност дека ќе може да пристапи до парите од фондот на неговиот покоен татко, музичарот Грег Алман. Следната исплата од фондот се очекува на 1 мај.
„Колку што разбирам, овие исплати се случуваат со години. Затоа фактот што барањето е поднесено две недели пред следната исплата, иако тој распоред е познат од претходно, според моето мислење не претставува итен случај“, рекла судијката.
Шер во своето барање навела дека сите пари што нејзиниот син ги добива од фондот „веднаш ги троши“ за дрога. Судијката истакнала дека многу луѓе имаат финансиски и правни проблеми, но тоа не значи автоматски дека им е потребно старателство.
„Многумина не се појавуваат на суд, па против нив се донесува пресуда поради отсуство, но сепак не им е потребен старател“, рекла судијката и нагласила дека ја разбира загриженоста на семејството, но дека само загриженоста не докажува дека старателството е оправдано.
Ова не е прв обид на Шер да воспостави старателство. Првото барање го поднела во декември 2023 година, барајќи таа да биде единствен старател, но го повлекла во септември 2024 година.
Во новото барање, таа побарала да биде старател финансискиот управник Џејсон Рубин. Во документите се наведува дека животот на нејзиниот син „значително се влошил“ и дека тој нема чувство за пари и не е способрн да управува со финансиите поради проблеми со менталното здравје и зависноста.
Според наводите од барањето, тој наводно троши пари на дрога, луксузни хотели и лимузини, има долгови и даночни проблеми, како и нерешени судски постапки поврзани со алиментацијата на поранешната сопруга Маријанџела Кинг.