Светиот крст се фрлаше и во Кисела Вода, најсреќен Сашо Милошевски

од Nikola Popovski

Триесетиедногодишниот Сашо Милошeвски беше најсреќен од 47-те верници, кои денес, во базенот Расадник во Кисела Вода, скокнаа да го фатат Светиос крст во чест на празникот Богојавление-Водици.

Здравје, среќа и успех за себе, но пред се, за синчето Максим и сопругата Бранкица, Милошевски посака да му донесе осветениот крст. Тој се заблагодари на Oпштина Кисела Вода и на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за возобновената манифестација, како и за наградите, кои во духот на христијанството, одлучи да ги донира на социјално загрозени семејства.

Градоначалникот му честиташе на среќниот Милошевски и им се заблагодари на сите кои зедоа учество во денешната манифестација. Потенцираше дека дадоа свој удел во идејата за обединување на народот и продолжување на една вековна традиција на празнувањето на еден ваков голем христијански празник.

-Најнапред да ви се заблагодарам, вам, на медиумите за вашето присуство. Денес, за мене е многу значаен ден, најпрвин затоа што ми е именден и би сакал овој голем македонски православен празник да им го честитам на сите верници. Исклучително важно ми е што денес, овде, во Кисела Вода, имавме вистинско обединување. Сакам да ги поздравам за својата храброст сите оние кои денес се фрлаа по крстот и воедно, да му честитам на оној кој што го фати крстот, Сашо. Добар гест е она што го направи, баш во духот на православието, да ги донира овие работи кои што ги доби денес од општината и нашите општествено одговорни компании.  Ова е една традиција која што беше замрена со години наназад во општина Кисела Вода. Драго ми е што има ваков одзив, имаше над 500-тини наши сограѓани, овде присутни. Се надевам дека ќе премине во вистинска традиција, ова е нешто што не одржува со векови како народ и како нација и со години понатаму ќе се практикува и ќе се спроведува ова како настан во Кисела Вода, изјави Ѓорѓиевски.

Слични содржини