Светот ќе се соочи со рекордни температури во 2023 година?

од Stefanija Kuzmanovska

Светот би можел да собори нов рекорд на просечна температура во 2023 или 2024 година, поттикнат од климатските промени и очекуваното враќање на временскиот феномен Ел Нино, велат климатолозите.

Климатските модели сугерираат дека по три години временска шема на Ла Нина во Тихиот Океан, што малку ги намалува глобалните температури, светот ќе доживее враќање на Ел Нино, нејзиниот потопол пандан, подоцна оваа година.

За време на Ел Нино, ветровите кои дуваат на запад по должината на екваторот успоруваат, а топлата вода се турка кон исток, создавајќи потопли температури на површината на океаните.

„Ел Нино вообичаено се поврзува со рекордни температури на глобално ниво. Сè уште не е познато дали тоа ќе се случи во 2023 или 2024 година, но мислам дека е поверојатно отколку да не се случи“, рече Карло Буонтемпо, директор на службата за климатски промени на ЕУ „Коперник“.

Климатските модели сугерираат враќање на условите на Ел Нино кон крајот на бореалното лето и можноста за развој на силен Ел Нино кон крајот на годината, рече Буонтемпо.

Најтоплата забележана година во светот досега беше 2016 година, што се совпадна со силниот Ел Нино – иако климатските промени поттикнаа екстремни температури дури и во годините без овој феномен.

Изминатите осум години беа осум од најтоплите во светот – како одраз на долгорочниот тренд на затоплување поттикнат од емисиите на стакленички гасови.

Фридерике Ото, виш предавач на Институтот Грантам во Империал колеџ во Лондон, рече дека температурите предизвикани од Ел Нино би можеле да ги влошат ефектите од климатските промени што веќе ги доживуваат земјите – вклучувајќи силни топлотни бранови, суша и шумски пожари.

„Ако се развие Ел Нино, има добри шанси 2023 година да биде уште потопла од 2016 година – со оглед на тоа што светот продолжи да се загрева додека луѓето продолжуваат да горат фосилни горива“, рече Ото.

Научниците од програмата „Коперник“ на ЕУ во четвртокот објавија извештај во кој ги проценуваат климатските екстреми кои светот ги доживеа минатата година, петта најтопла година досега.

Европа го доживеа најжешкото лето досега во 2022 година, додека екстремните дождови поттикнати од климатските промени предизвикаа катастрофални поплави во Пакистан, а во февруари нивото на мразот на Антарктикот падна на рекордно ниско ниво.

Светската просечна глобална температура сега е за 1,2 Целзиусови степени повисока отколку во прединдустриската ера, соопшти „Коперник“.

Спротивно на фактот дека повеќето од најголемите светски емисии ветија дека на крајот ќе ги намалат своите нето емисии на нула, глобалните емисии на CO2 продолжија да растат минатата година, известува RSE.

Слични содржини