СЗО: Пандемијата не е ни блиску до крајот, можни се нови соеви

од Nikola Popovski

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејесус, ги предупреди светските лидери дека пандемијата на коронавирус „не е ни блиску до крајот“, во услови кога некои европски земји бележат рекорден број на нови случаи поради вирус на омикрон.

Тедрос на прес-конференција во седиштето на СЗО во Женева рече дека сојот омикрон предизвикал 18 милиони нови инфекции ширум светот минатата недела, пренесува Би-Би-Си.

-Иако овој сој може да се покаже помалку сериозен, „наративот дека се работи за блага болест е погрешен“, рече тој.

-Не правете грешка, омикрон предизвкува хоспитализации и смртни случаи, а уште потешки случаи ги преплавуваат здравствените установи“, рече директорот на СЗО.

Тој ги предупреди глобалните лидери дека „со неверојатниот напредок на омикрон на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови соеви на вирусот, поради што следењето и евалуацијата остануваат клучни“.

-Исто така сум особено загрижен за многу земји кои имаат ниски стапки на вакцинација, бидејќи луѓето се многу повеќе изложени на ризик од сериозни болести и смрт доколку не се вакцинираат, рече тој.

Директорот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан, предупреди дека зголемената преносливост на омикрон веројатно ќе доведе до зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи, особено во земјите каде што се вакцинирани помалку луѓе.

-Експоненцијалното зголемување на случаите, без оглед на тежината на поединечните варијанти, доведува до неизбежно зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи, рече Рајан.

Слични содржини