Ташев: ЕУ не го познава детално македонското прашање, потребна е поактивна бугарска позиција

Поплаки од Софија откако белгискиот МНР од Скопје порача дека билатералните прашања во ниеден момент не смеат да го спречат проширувањето

од Nikola Popovski
135 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Euronews Bulgaria

Јавните изјави на белгискиот министер за надворешни работи, Максим Прево за време на неговата посета на Македонија предизвикаа коментари и незадоволство во Бугарија. Тој изјави дека: „Билатералните прашања не треба да го попречуваат процесот на проширување на Европската Унија“.

-Ова е повеќе за незнаење отколку за политичка провокација, изјавил бугарскиот професор и академик Спас Ташев, додавајќи дека „незнаењето се должи на неколку фактори“.

„Прво – не е задолжително белгиските или другите претставници на западноевропската дипломатија детално да го познаваат македонското прашање. Второ – пасивната бугарска политика во последните години. Постојано апелираме дека мора да имаме проактивна политика, но за жал не гледаме такви примери, што создава празнини во општиот европски консензус. Ако ја премотаме лентата, само во последната година претседателот на Хрватска даде слични изјави, слични пораки дојдоа и од Црна Гора. Во претходните години, дипломатијата на Скопја направи пробив во Германија, каде што Бундестагот почна да го признава македонскиот идентитет – нешто што не е предмет на меѓународно признавање“, кажал Ташев за БНТ.

„Европската Унија го има како приоритет проширувањето кон Западен Балкан. Тоа е логично. Кога Бугарија беше претседавач со ЕУ, и ние го започнавме проширувањето како главен приоритет. Лидерите на западноевропската дипломатија не навлегуваат во детали.

Имаше дебати во Европскиот парламент и беше постигнат европски консензус. Сепак, сега има нов состав на ЕП и голем дел од европратениците повеќе не ги знаат овие детали, што покажува потреба темата постојано да се презентира. Станува збор за човекови права, а не за билатерален спор. Овој проблем се појави од крајот на 1944 година. За време на комунистичкото владеење, Бугарија – Софија тврдоглаво молчеа за темата за кршење на човековите права на луѓето со бугарски идентитет. Дури во последните неколку години прашањето почна да се поставува појасно и систематски“, додал бугарскиот професор.

„Билатералните прашања во ниту еден момент не смеат да го спречат процесот на проширување“ – порача министерот за надворешни работи на Кралството Белгија за време на неодамнешната посета на Скопје.

Во текот на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Тимчо Муцунски, шефот на белгиската дипломатија увери дека Македонија може да смета на Белгија како на цврст и сигурен сојузник кој недвосмислено го поддржува патот на земјава кон ЕУ.