Трајановски за паднатиот ѕид: Не е проектиран да биде брана

од Nikola Popovski

Поранешниот градоначалник на град Скопје, Коце Трајановски се огласи после паѓањето на потпорниот ѕид во Пинтија, во чие време беше изграден. Според него, причината е немањето на целосна и соодветна атмосферска канализација и попречни решетки кои ќе ја прифатат атмосферската вода од улиците.

-Поради тоа целата количина на вода од огромните обилни дождови преку трите улични краци и преку дворовите удира директно на потпорниот ѕид. Тој не е проектиран да биде брана за надојдените води, оценува Трајановски и дообјаснува со прикачување на две фотографии.

-Од сликата може да видите дека на улицата која е во правец на бул Б. Трајковски има река од вода и како последица на тоа срушен е зидот точно кај што трите краци од улицата водат према булеварот.

Од ЈП Улици и патишта – Скопје вчера информираа дека со брза интервенција веднаш по настанатото оштетување на паднатиот потпорен ѕид на булеварот „Борис Трајковски“ на семафорите во населба Пинтија, започнало неговото расчистување.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски информира дека во периодот што следи ќе биде извршена детална проверка на сите градби кои се направени во минатото, со цел да се утврди дали можат да одговорат на временските неприлики кои и понатаму ќе се случуваат.

Слични содржини