Тројца пациенти заболени од коронавирусот во поодмината возраст се со лесно влошување, информираше на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Тој посочи дека немаат потреба за респираторна поддршка, но примаат интензивирана терапија.
„Деветте пациенти на Инфективно, шест се во стабилна состојба, кај тројца има лесно влошување, односно имаат отежнато дишење. Немаат потреба од респираторна поддршка, но се интензивира терапијата. Тројцата се над 65 години. Утрово е јавен еден пациент кој на 7 март дошол во земјава здрав, дојден е на Инфективно со висока температура, земен е материјал и очекуваме“, истакна Филипче.
Откако Светската здравствена организација прогласи пандемија, министерот разговарал со регионалниот директор на СЗО за Европа, кој му посочил дека нема генерални препораки за било која земја, односно секоја земја има право на свои, автентични мерки, како што тоа го направила земјава.