Циципас: Голем мотив е да се брка Ѓоковиќ

од Stefanija Kuzmanovska

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас оваа недела игра на турнирот на земјени терени во Хамбург.

Тенисерот од Атина се пласираше во четвртфиналето, каде во петок го чека дуел со Филип Краиновиќ.

Циципас заигра подобро по Вимблдон, каде изгуби во првото коло, а во Хамбург зборуваше за трката за првото место на АТП листата со Новак Ѓоковиќ.

Стефанос до Ролан Гарос беше прв во АТП-трката за оваа сезона, но Новак го престигна со победи на „Ролан Гарос“ и „Вимблдон“.

Србинот веќе се квалификуваше со 7.170 поени за завршниот АТП-турнир, што за прв пат ќе се одржи во Торино во ноември, додека Циципас во моментов е втор со 4.570 поени.

Сепак, грчкиот тенисер верува дека на крајот на сезоната може да биде пред Новак и со тоа да заврши на првото место за прв пат во една година.

Судејќи според начинот на игра на најдобриот играч во светот, такво нешто нема да биде лесно да се постигне.

„Трката за Торино е голема мотивација за мене. Знам дека сум многу близу до Новак. Мотивиран сум за подобар втор дел од сезоната. Ќе имаме многу акција во САД на тврди површини, и има јаз во поени што морам да го надминам. Да речеме дека сакам да освојам многу поени и повторно да се најдам на првото место“, изјави Циципас за АТП телевизија.

Тој сè уште е свесен колку тоа ќе биде тешко.

„Моето тело мора да биде во соодветна состојба за да го стори тоа. Исто така, мора да бидам психички подготвен, физички, исто така, за повторно да бидам лидер во трката“, рече Циципас.

Слични содржини