ЦУК известува за состојбата со пожарите во Василево и Криволак

од Nikola Popovski

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва даде повеќе информации за состојбата со активните пожари во земјата.

-Пожарот кој ја зафати општина Василево на ден 25.07.2022 година, помеѓу селата Владиевци и Требичино, во текот на денот активно се гаснеше од страна на ТППЕ Струмица, ШС Беласица – Струмица и ЕЛС Василево. Во попладневните часови, со промена на временските услови (дување на ветар од северозападен правец), пожарот честопати го менуваше правецот, што претставуваше опасност да го зафати селото Владиевци и правецот на с.Требичино. Но, со правилен распоред на силите кои дејствуваа на терен, беше воспоставена контрола на пожарното дејствие, и пожарот се пренасочи кон сртот на високиот рид. Во 19:30 часот одржана е координација на Општинскиот штаб на сите субјекти кои интервенираат на пожарот, одлучено е рано наутро на ден 28.07.2022 година, со подршка од воздухоплови, кои се обезбедени во координација на Центарот за управување со кризи со МВР, АРСМ и Дирекцијата за заштита и спасување, како и концентрација на поголем број на сили на терен и дополнително со 2 тима за гаснење на пожари од ДЗС, да бидат распоредени на терен и пристапат кон целосно гаснење на пожарот. Напоменуваме дека во моментот нема опасност од загрозување на селата, животот и имотот на граѓаните, велат од ЦУК.

Од таму објаснуваат и за пожарот на полигонот Криволак.

-Пожарот во општина Неготино, на полигонот Криволак, денес во текот на денот во претпладневните часови континуирано се гаснеше со воздухоплови на АРСМ, МВР и ДЗС, но поради невозможен пристап за пешадиско дејство и гаснење на земја, пожарот сеуште е активен на поголема површина. Истиот не го загрозува имотот, материјалните добра и животот на граѓаните и се наоѓа далеку од населени места, информираат од ЦУК и додаваат дека за утрешниот ден договорено и предвидено е координирано гаснење на ТППЕ единиците од Неготино и Штип, Шумско стопанство, како и просторните сили на ЕЛС Неготино, со подршка од воздух, веднаш по завршување на асистенциите на леталата на првиот пожар во општина Василево.

Слични содржини