Тутунарите од Прилеп организираа предупредувачки протест

од Nikola Popovski

Крајно нереалната проценка и екстремно ниските откупни цени, по само дваесетина дена од почетокот на откупната кампања, предупредувачки ги извадија на улица тутунарите од Пелагониско-долненскиот регион.

Тие велат дека нема да го дадат тутунот за цената на една кутија цигари и по досегашната цена од 120-тина денари.

„Од почетокот на откупот просечната откупна цена е 135 денари или близу 90 денари помала од ланската.

Ако на ова се одбијат губитоците на родот кој годинава тежок 23 илјади тони тогаш реално еден килограм тутун се превзема за една кутија цигари. Поголемо обезвреднување на трудот немало“, велат тутунарите.

Тутунопроизводителите бараат обединување на пратениците и од владеачкото мнозинство и од опозицијата за брзо да се донесе закон што ќе ги заштити од откупувачите.

Според нив, ова е предупредувачки штрајк за да ги сфатат колку се сериозни, најавувајќи од утре протести низ цела држава, секаде каде има тутунопроизводители. На надлежните од ресорното министерство му порачаа да не им верува на поединци кои нудат лажни информации и решенија за нивните маки а на откупувачите да го почитуваат нивниот труд. Во спротивно ќе бидат повлечени поверениците и ќе бидат блокирани откупните пунктови.

Слични содржини