Уапсени косовски полицајци поради ранување на Србин

од Stefanija Kuzmanovska

Полицискиот инспекторат на Косово пред полноќ соопшти дека се уапсени четворица припадници на косовската полиција кои претходно беа суспендирани поради повреди на Срби со огнено оружје на северот на Косово.

Канцеларијата на Европската унија во Косово рано во вторникот вечерта го осуди ранувањето на косовски Србин во близина на косовската полициска станица на мостот Бистрица во општина Звечан, пренесува „Бета“.

„ЕУ на Косово го осудува безбедносниот инцидент во кој косовски Србин беше ранет со огнено оружје во понеделникот вечерта во близина на контролниот пункт на косовската полиција на мостот Бистрица во општина Звечан. Сите релевантни судски институции сега треба да спроведат брза и темелна истрага и одговорните да ги изведат пред лицето на правдата“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ на Твитер.

Инцидентот претходно го осуди и американската амбасада на Косово.

Косовската полиција најпрвин во вторникот наутро негираше вмешаност на полицијата во овој случај, а подоцна соопшти дека суспендирала четворица полицајци за кои постои сомневање дека се вмешани, меѓу кои и еден кој можеби пукал од огнено оружје.

Ова ја загрижи американската амбасада на Косово, која повика на истрага.

„Сите граѓани мора да веруваат во транспарентноста на службениците за спроведување на законот и судскиот сектор. Поддршката на Соединетите Американски Држави на институциите на владеење на правото ја унапредува заедничката визија за демократска и мултиетничка држава“, изјави американскиот амбасадор на Косово, Џефри Ховениер.

Слични содржини