Украина ѝ благодари на Македонија: „Вашата поддршка е значајна и нема да ја заборавиме“

од Nikola Popovski

Додека Русија го засилува притисокот да го забрани членството на Украина во НАТО, украинската јавност е сè порешителна да се приклучи на Алијансата. Тоа би бил крај на процесот што започна по протестите во 2014 година,  кога проевропската влада одлучи, тогашната неутрална соработка да ја претвори во барање за полноправно членство во НАТО.

Дека Украина е заинтересирана за исполнување на сѐ повеќе НАТО стандарди, тврди во разговор за „Локално“ и Роман Сушченко, поранешниот политички затвореник на Кремљ и актуелен член на партијата „Европска солидарност“. Според него, Украина ќе биде ефективен и моќен дел од НАТО.

-Оваа историска еволуција не може да се промени. Мислам дека тоа ќе се случи за 5-10 години, вели Сушченко, кој воедно е и поранешен новинар.

Тој информира дека во Украина населението, елитите, владата, локалните власти и опозицијата најсериозно ја сфаќаат ситуацијата и тензиите со Русија.

-Постојат радикални и умерени ставови за тоа како да се одговори, но повеќето луѓе споделуваат патриотско воздигнување. Главната работа е што огромното мнозинство од населението долго време не носи розеви очила. Секој разбира каде е изворот на агресијата и што треба да се направи, потенцира Сушченко.

Членот на партијата „Европска солидарност“ појаснува дека стравот во Украина е природна реакција на реална закана за човечкиот живот.

-Во текот на осумте години руска агресија, Украинците научија да го надминат стравот. Не знаат сите граѓани како да го направат тоа ефикасно, бидејќи повеќето живеат надвор од непријателскиот простор. Но, психолошки тие се подготвени. Расположението на општеството ќе го наречам вознемирено, неизвесно за иднината, но нема очај, информира Сушченко, предупредувајќи дека веројатноста за војна, експертите ја оценуваат како многу голема.

Во однос на бројката на руски војници, политичарот вели дека квалификуваните проценки покажуваат околу 105-120.000 руски војници се на границата со Украина, но, логистичките можности на агресорот дозволуваат да се удвои таквиот контингент за една недела.

-Изворот на сите проблеми се наоѓа во Москва. Мотивот е манијакална желба да се владее, да се поробуваат слободните народи, да се контролираат нивните територии и да се уценува Западот со постојани кризи во замена за модерната технологија, коментира Сушченко за тоа каде ја гледа вината за актуелните случувања.

За тоа дали очекува САД и Русија да се договорат и да престане „ѕвечкањето на оружјето“, Сушченко објаснува дека повеќето луѓе не ја разбираат целосно природата на причините за избувнувањето на војната во Украина.

-Русија е агресор и окупатор кој убива луѓе, го крши меѓународното право и мафта со оружје за да ги постигне целите што ги споменав во мојот претходен одговор. Америка ги брани основните вредности и принципи на меѓународното право на бојното поле во Украина. Степенот на ескалација укажува дека сето тоа ќе заврши со пораз на слабиот играч. Русија губи, но, Украина ќе плати висока цена, посочува поранешниот новинар.

Тој смета дека е жално што официјалната власт повеќе е исплашена отколку обичниот народ.

-Јас не сум претставник на власта, јас сум во опозиција од неа. Затоа имам чувство дека официјален Киев сериозно се подготвува за преговори со Москва. Настаните во следните два месеци ќе покажат дали се работи за желба за добивање време или подготовка за предавање, информира Сушченко.

Коментирајќи ја поддршката од македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, политичарот тврди дека „добро се сеќава колку ѝ беше тешко на вашата земја по војната во Косово“.

-Македонија е психички блиска со Украина, добро ја разбираме вашата култура, ја знаеме историјата и имаме заедничко наследство што ни го оставија тоталитарните и империјалните режими од минатото. Денес вашата и мојата земја се слободни, независни, суверени држави кои динамично се развиваат во европското семејство. Тоа го сакаат нашите народи, повеќето од нашите елити, а тоа и треба на историската еволуција, оценува Сушченко, додавајќи дека ставот на македонската влада, потврден со изјавите на министрите, има важна порака за Украина.

-Дека нема да бидеме сами во војната со агресорот, дури и во постојана хибридна војна. Лично ѝ благодарам на Македонија за поддршката во овој момент. Украинците никогаш нема да го заборават ова, категорично одговори Сушченко.

Н.П.

Слични содржини