Украинска НВО бара бојкот на „Милка“ во Германија: Индиректно ја финансираат Русија со плаќање даноци

Според активистите, американскиот мултинационален гигант за производство на храна „Монделез“, кој Украина го стави на „црната листа“ во мај минатата година, „индиректно ја финансира“ Русија со плаќање даноци.

од Бети Божиноска

Група украински активисти во Германија им порачаа на трговците на мало во таа земја да престанат да ги продаваат чоколадата „Милка“, тврдејќи дека нејзиниот производител продолжува да работи во Русија, пренесува „МенаФН“.

„Бојкотирајте ги производите „Милка“!“, повика невладината „Витч“ обраќајќи им се на трговските синџири „Реве“ и „Едека“ во пост на „X“.

Според активистите, американскиот мултинационален гигант за производство на храна „Монделез“, кој Украина го стави на „црната листа“ во мај минатата година, „индиректно ја финансира“ Русија со плаќање даноци.

„Моралот треба да има место во бизнисот!“, истакнуваат тие.

Изјавите на невладината организација следуваа по изјавата на генералниот директор на „Монделез интернешнел“, Дирк ван де Пут, кој во интервју во февруари изјави дека на инвеститорите „морално не им е грижа“ ако компанијата продолжи да работи во Русија, пишува германскиот портал „РНД“.

Слично како и многу други западни компании, „Монделез“ јавно ја критикуваше Москва за нејзината вмешаност во конфликтот во Украина, но компанијата избра да не се повлече од Русија, што наиде на критики од различни страни.

„Ако имате важен бизнис во Русија, ударот врз компанијата ќе биде голем и тука почнува поинаква дискусија,“ истакна Ван де Пут.

Покрај тековната кампања, писмото од „Витч“ до германските трговци во врска со ставот на „Монделез“ беше поврзано и со празнувањето на Велигден што католиците го слават овој викенд.

„Монделез“ го рекламираше својот бренд „Милка“ велејќи дека го прави Велигден „понежен“, додавајќи уште еден слој значење на пораката на украинските активисти. Освен тоа, активистите планираат протест в сабота против она што тие го сметаат за „лажен пацифизам“.

За потсетување, Киев се обиде да натера одредени странски компании да ја прекинат врската со Москва преку списокот на „меѓународни спонзори на војната“, но украинската влада минатата недела ја поништи оваа иницијатива, велејќи дека таа имала негативно влијание на носењето важни одлуки насочени кон спротивставување на Русија.

 

Слични содржини