Украински министер: Зеленски и Путин можат да се сретнат каде било, освен во Русија

Киев би прифатил средба меѓу претседателот Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин на која било локација, освен во Русија или Белорусија, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Принтскрин/Креатива

Според него, Украина се залага за организирање ваква средба со цел да им се даде „нов импулс“ на преговорите, пренесува „Правда“.

„Се обративме до Турција и до уште неколку главни градови… Но, ако кој било друг главен град, освен оние во Русија и Белорусија, организира ваква средба, ние ќе дојдеме. Тоа ни е важно“, изјави Сибиха пред новинарите.

Потсетуваме, Сибиха минатата недела изјави дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин во Турција, со учество на претседателот Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп. Претходно во април, и самиот Ердоган потврди дека е подготвен да биде домаќин на следната рунда преговори насочени кон завршување на руско-украинската војна.

Зеленски, исто така, изрази надеж дека САД би можеле да помогнат во завршувањето на војната и го повика Вашингтон да изврши притисок врз Русија, а не врз него. Воедно призна дека поради војната со Иран, вниманието на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите преговарачи во моментов е насочено подалеку од преговорите за руско-украинскиот конфликт.