Универзитетите во Авганистан повторно отворени, на жените им е забранет пристап

од Stefanija Kuzmanovska

Универзитетите во Авганистан повторно се отворени по зимскиот распуст, но само мажите се вратија на настава, додека талибанските власти продолжуваат да им забрануваат на жените да се школуваат.

Забраната на универзитетот е едно од неколкуте ограничувања наметнати на жените откако талибанците се вратија на власт во август 2021 година и предизвика глобален гнев, вклучително и низ муслиманскиот свет.

„Потресно е да се гледаат мажи како одат на универзитет додека ние мораме да останеме дома. Ова е дискриминација врз основа на пол бидејќи исламот ни дозволува да стекнеме високо образование. Никој не треба да не спречува да учиме“, рече 22-годишната Рахела од централната провинција Гор, пренесува „Фена“, повикувајќи се на АФП.

Талибанската влада ја воведе забраната откако ги обвини студентките дека не се придржуваат до строгиот кодекс на облекување и барањето да бидат придружувани од машки член на семејството при пристигнување и напуштање на универзитетот.

Повеќето универзитети веќе воведоа посебни влезови и училници и дозволија на жените да им предаваат само професорки или постари мажи.

Слични содржини