Усвоен нов закон: Ќе се легализираат сите дивоградби, и оние во заштитени подрачја

од Берта Китинска

Собранието го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.Со овој Закон, меѓу другото, се овозможува легализација на бесправно изградени објекти изградени до денес, со тоа што треба да се платат 50 отсто поскапи комуналии.

Поточно, се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила, односно до осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.

Законот вклучува објекти, гаражи, остави и базени изградени без дозвола за градба, дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство.

Но, од законот се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион каде има природното и културното наследство, како и дивоизградените згради.

Како „казна“, сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат за 50% поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба. Од плаќање на комуналии со овој закон се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.

Пратеничката група на ДОМ е против донесувањето на овој закон.

„Тоа не е добра порака, мора да ставиме крај на бесправното градење. Ако може некој нелегално да гради тогаш која целта на носење просторни планови, генерални и детални урбанистички планови. Мислам дека ова навистина не е добро“, истакна Маја Морачанин.

Слични содржини