Сега е вистински момент за проширување на Европската Унија сметаат дел од европратениците кои се дел од Мешовитиот парламентарен комитет со Македонија. Според Карло Рекслер, копреседавач со комитетот, властите во земјава не треба да губат повеќе време.
„Северна Македонија е сега во една ситуација кога се отвора можност и да ги искористи поинаквите геополитички околности кои едноставно го поставија прашањето за проширувањето погоре на дневниот ред.“, изјави Рекслер.
Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Томас Вајц истакна дека билатералните прашања и спорови на Македонија не треба да се дел од процесот на пристапување и истакна дека засилено ќе се работи со новите бугарски власти на решение кое ќе го одблокира процесот за членство во унијата од страна на Македонија.
„Ќе ни требаат јасни изјави од Европската Комисија, од Советот, а ќе ни треба и изјава од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања, кои треба да се решат во рамките на преговарачкиот процес, се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања на масата во однос на процесот на пристапување.“, истакна Вајц.
Од Софија се подготвени за дијалог, но не и за преговарање на посетоечките услови, за нив францускиот предлог е добар и не гледаат причини да се менува.
Конструктивноста и соработката меѓу двете земји биле тема на разговор и на бугарскиот претседател Румен Радев и претседателката Гордана Силјановска Давкова при што и двајцата го истакнале значењето на конструктивен дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, но не се открива дали зборувале и за евроинтеграцијата. Се очекува тие повторно да се сретнат во април во Софија.