Ванковска: Наводните 25.000 потписи за Силјановска завршија на буништe

од Nikola Popovski

Кандидатката за претседателка поддржана од Левица, Билјана Ванковска ги коментираше денешните објави дека нејзината противкандидатка Гордана Силјановска Давкова ја поднела кандидатурата до ДИК преку потписи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а не преку потпишаните граѓани.

-Штета што прочка помина, зошто сега ќе мораа да бараат прошка од оние наводни 25.000 граѓани кои се потпишуваа за претседателска кандидатура, а чии потписи завршија на буниште. Не разбирам како е можно „голема“ и „народна“ партија да си дозволи луксуз од процесот на собирање потписи да направи шоу за еден ден, да натера луѓе да чекаат дисциплинирано во редици пред канцеларии на ДИК или кај нотари… Чуму? Како е можно она што беше опишано како „човечки и граѓански пркос“ и давање легитимација одеднаш да стане неважна дребулија во процесот на кандидирање зад кој сега наводно стојат само пратенички потписи? Велам наводно, бидејќи уште сакам да верувам дека она на 3 март не бил само обичен политички блеф и спектакл, објави професорката Ванковска на социјалните мрежи.

Во ДИК, комисија ги проверува листите со собраните 10 илјади граѓански потписи. Од СДСМ тврдат дека од ВМРО-ДПМНЕ за својот претседателски кандидат не собрале 10 илјади потписи.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Пендаровски озборува и пласира невистини, а поднесувањето на кандидатурата е технички процес.

-Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска-Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е најголемата болка за Пендаровски и СДС. Поддршката од граѓаните е јасна и недвосмислена, а СДС и Пендаровски во истата ќе се уверат на 24-ти април и 8-ми мај, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини