Ванковска: Во услови на економска криза и пандемија, прифаќањето на цивилно население од Авганистан не е перспектива која радува

од Берта Китинска

Откако се повлече најголемиот дел од американските трупи од Авганиста, Талибанците почнаа да освојуваат провинција по провинција. Илјадници Авганистанци почнаа да бегаат во надеж дека ќе пронајдат сигурно засолниште во другите земји. За тоа дали нашата земја е подготвена да го  прифати цивилното население од Авганистан и дали земјата која ја освојуваат  Талибанците може да стане центар за „одгледување“ на терористи, „Локално“ поразговара со професоркaта проф. д–р Билјана Ванковска.

-САД планираа триумфално заминување на 20-та годишнина од 11 Септември, но почнаа панично да го напуштаат Авганистан заедно со „армијата“ на нивни соработници од локалното население откако претрпеа тотален воен и политички пораз. Ссцените кои ги гледаме потсетуваат на оние од Сајгон во 1975-та, само во многу поголем размер. Овде не станува збор само за воен дебакл на властите во Кабул и 300-илјадната високо опремена авганистанска армија пред Талибанците, туку за целосен колапс на сите наводни успеси во „градење држава/нација“ (state-building and nation-building) со кои Западот го легитимираше своето присуство во таа земја, коментира професорката од Институтот за безбедност, одбрана и мир.

Според неа проценките на Западот се погрешни уште пред 20 години, така што расправата околу тоа дали погрешила администрацијата на Трамп или на Бајден е  на сосема на погрешен колосек.

-Да потсетам дека Авганистан беше бомбардиран пред 20 години со бомби (дури и ја испробаа „мајката на сите бомби“ во планините Бора Бора) и со леб, истовремено. Цели 20 години се градеше првенствено безбедносниот сектор, кој сега колабираше како тигар од хартија. И американските колеги забележуваат дека 80 отсто од помошта за Авганистан била во воениот сектор, а само 20 отсто во општествениот, наместо да биде обратно. Многу поголем е поразот на САД и на НАТО, кои или немаат разузнавачки систем или тој е корумпиран и неспособен или свесно создавале лажна претстава за својот успех во оваа земја, која фактички никогаш и целосно не ја завладеаја. Авганистан е познат како „гробница за империите“, и тоа не е случајно: таму почна падот на Британската империја, на СССР, а сега и на САД. Импликациите допрва ќе ги гледаме и на домашен и на меѓународен план, бидејќи станува збор за катаклизмичен пресврт кој испраќа многу пораки на глобален план: од таа дека најмоќната воена алијанса може да се порази, дека воените интервенции не можат да донесат мир и стабилност дури и по две децении, дека навидум огромната моќ на воените и разузнавачки служби може да биде само фасада, итн. Всушност, глобалното мировно движење предупредуваше на ова уште пред 20 години, но попусто. Затоа, кога сега се оценува ситуацијата треба да се види како и зошто сето ова започна, а не како да се залечат последиците од погрешната политика започната пред две децении, па и претходно (со западното финансирање на отпорот кон СССР), објаснува Ванковска.

За професорката  интересен е фактот што пред 5-6 години, бегалците од Авганистан се враќале од границите затоа што доаѓале од (наводно) безбедна земја и биле економски мигранти.

-Сега одеднаш се создава медиумска слика за огромен бран на бегалци чии животи се загрозени од новата власт. Да биде иронијата поголема, дури е една Полска која беше и остана најксенофобичната земја на НАТО и ЕУ, која одби да учествува во згрижувањето на мигрантите во 2015 година од страв од исламското влијание, сега официјално се залага за спасување на оние Авганистанци кои соработувале со НАТО земјите – и прифати дури 45 лица кои работеле за нивната влада. Гледаме дека ЕУ, а особено нејзините водечки земји како Франција и Германија, почнуваат да зборуваат за некомпатибилни култури, за примитивноста на Авганистанците, за заканата од нив, итн. – односно, подготвуваат терен и легитимација за затворање на портите за евентуалниот нов бран бегалци, кои соработувале со Западот изминатите 20 години. Ако и случајно подотворат порти, тоа ќе биде селективно, за нивните преведувачи и локалците вработени во невладиниот сектор и сл. Не за обичниот и сиромашниот народ кој одамна тргна пеш кон соседните држави… Сепак, верувам дека најголемиот дел од авганистанското население ќе остане таму каде што и бил отсекогаш. Интересно е дека некои луѓе поим немаат дека само Кабул и 4.5 милиони жители, а вкупната популација е преку 38 милиони жители, со просечна старост од околу 18-19 години, коментира Ванковска.

Во однос на тоа дали сега Авганистан може да стане центар за „одгледување“ на терористи и да стане уште поголема закана за Западните земји, професорката смета дека терористите  веќе се „одгледуваат“ во западните земји и во овој случај  не е потребен Авганистан за тоа.

– Ако војната во Авганистан ја поврзувате со 11 Септември, тогаш треба да се потсетиме дека пилотите-самоубијци беа од Саудиска Арабија, а не од Авганистан. Таа војна беше нелегална, односно одмазничка операција на претседател Буш, кој на почетокот дури и ја одби помошта на НАТО, односно активирањето на фамозниот член 5 од Статутот на Алијансата (за колективна самоодбрана). НАТО се вклучи подоцна. Но, самата операција не само што беше спротивна на меѓународното право, туку и вовед во веќе подготвената интервенција против Ирак (март 2003). Бушовата доктрина го наметна наративот за „Глобална војна против тероризмот“ и за преемптивна одбрана, после што тероризмот не само што не беше искоренет, туку и процвета. Сетете се на Исламската држава и н а нејзините корени. Кога војната против Авганистан почна, великанот на новинарството, Роберт Фиск објави колумна во Индипендент со индикативен наслов: „Г-не Буш, тукушто го усреќивте Осама бин Ладен“ – точно прогнозирајќи дека спиралата на насилство е веќе откочена и дека тешко ќе запре. За исламофобијата и да не зборуваме… Да одговорам уште поконкретно на Вашето прашање: терористи веќе се „одгледуваат“ во самите западни земји (home grown terrorism), не е потребен Авганистан за тоа. Ниту пак Талибанците се терористичка организација. Набргу ќе видиме како реал-политиката постепено ќе го прифати режимот во Кабул како официјален претставник на таа земја со наводни условувања, ама и со ново прегрупирање на глобалните актери, објаснува Ванковска.

На прашањето дали  Русија, Кина и Турција, можеби ќе го „освојат просторот“ напуштен од САД, според неа на талибанскиот режим ќе му биде потребна финансиска поддршка за изградба на земјата.

– Точно е дека гледаме слика во која сите западни (НАТО) амбасади панично се повлекуваат, додека Русија, Кина (и Турција како исклучок од НАТО сојузниците) од терен ја следат ситуацијата. Тоа зборува многу за односот на силите во мултиполарниот меѓународен систем. Сосема е извесно дека на талибанскиот режим ќе му треба финансиска помош за изградба на земјата, а Кина наоѓа буквално соседна земја на која може да ја пласира својата политика на „мека моќ“. Русија исто така… Турција и Иран имаат свои врски и интереси. Овој дел од Азија е изгубен за Западот и тоа за долго време, смета професорката.

За тоа дали С.Македонија треба да се подготви, како и институциите, за големиот бран на бегалци, Ванковска тврди дека е скептична по однос на подготвеноста на институциите за прием на нов бран на бегалци.

-Прво, чесно е да се каже дека ние од самиот почеток ја поддржавме интервенцијата врз Авганистан и долги години редовно испраќавме воени контингенти, кои дури неретко беа наградувани со медали од САД. Второ, еден дел од популацијата со години одеше на печалба, т.е. луѓето стануваа контрактори за да заработат повеќе отколку овде. Со други зборови, тешко е да кажеме дека сме сосема неинволвирани во целата збрка. Што се однесува до подготвеноста на институциите, јас сум скептична, особено гледајќи ја неспособноста во справувањето со другите внатрешни проблеми, како пандемијата или пожарите, посчува Ванковска.

За професорката  одлуката на премиерот Заев да помогне и да прифатиме цивилно население од Авганистан во услови на длабока економска криза и пандемија, не е баш перспектива која радува.

-Искрено, во прв момент мислев дека премиерот мисли на извлекување на наши граѓани кои работат во Авганистан, но потоа сфатив дека сериозно се понудил да спасува авганистанско цивилно население. Ова е политичка одлука, која се прави во полза на САД, за да се создаде уште една алијанса на земји кои ќе покажат солидарност – онака како што побрзавме да се вклучиме на листата на САД за исклучување на јуриздикцијата на Меѓународниот кривичен суд или за учество во операциите во Авганистан и Ирак. Не знам што кажал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но примарна одговорност за хуманитарните аспекти на новонастанатата криза лежи кај Западот. Ние како нивни соработници сме и соучесници. Но, слушајќи ги пораките Бајден, Макрон и Џонсон, јасно е дека таму акцентот е на заштитата на нивните национални интереси. На пример, во обраќањето до нацијата Макрон порача „мораме да антиципираме и да се заштитиме себе си од нерегуларни миграциски текови“. Колатерална жртва во нивната заштита (срцето на Европа и на западот) ќе бидат земјите од периферијата, а тоа се првенствено Грција, Македонија, Албанија, но и Кипар, Италија, Малта и Шпанија. За разлика од Макрон, лидерите на малите и слаби сателити на САД, порачуваат дека вратите ќе бидат ширум отворени, иако знаат дека капацитети немаат и дека доколку дојде до поголем бран на бегалци по копнен и морски пат ќе гледаме брутални сцени на логори како оние на грчкиот остров Лезбос. Западот ќе се затвори за догледно време (всушност, затворен е подолго време и ксенофобичен кон оние кои не се со „иста култура“), и ќе финансира прифатни центри подалеку од своите граници. Во услови на длабока економска криза и пандемија, тоа не е баш перспектива која радува. Вистинскиот начин да му се помогне на Авганистан е во стабилизирање на елементарните облици на владеење и јавни служби (здравството првенствено), како и хуманитарна асистенција за егзистенцијалните потреби на тамошното население, смета таа.

Б.М.

Слични содржини