Велика Британија: Иран да престане да апси странци

од Stefanija Kuzmanovska

Велика Британија никогаш нема да прифати апсења на свои граѓани како средство за дипломатски притисок, најави денеска портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак, по апсењето на седум лица во Иран поврзани со Британија.

„Бараме од иранските власти итно да ги достават сите информации за уапсените лица со двојно државјанство на Иран и Велика Британија“, изјави портпаролот на новинарите.

Порача дека Иран мора да престане да апси британски државјани и сите кои имаат државјанство на друга странска земја, пренесува „Ројтерс“.

На 25 декември, Иранската револуционерна гарда уапси седум лица поврзани со Велика Британија, кои, според Техеран, биле вклучени во организирање протести против владата.

Некои од уапсените, како што соопштија иранските власти, имаат и двојно државјанство.

Иран се соочува со бран протести низ целата земја од 16 септември, откако курдската девојка Махса Амини почина по три дена во притвор на иранската полиција за морал, каде што беше приведена поради „неправилно носење хиџаб“.

Нејзиното семејство тврди дека Амини починала како последица на претепување во притвор.

Иран тврди дека протестите против режимот биле поттикнати и насочени од странство, поточно од Запад.

Слични содржини