ВИДЕО: Снимен моментот на бегството на осомничениот за експлозијата во Истанбул?

од Stefanija Kuzmanovska

Турските медиуми објавија видео на кое наводно се гледа моментот на бегството на едно лице осомничено за бомбашкиот напад во Истанбул, во кој загинаа шест лица.

На видеото се гледаат луѓе на улица и како полека се создава паника и метеж, додека едно лице трча по улицата избегнувајќи ги пешаците, пренесуваат турските медиуми.

Претходно на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои наводно се гледа како жена ја остава чантата на клупа во 16 часот и 13 минути, а потоа заминува.

Неколку минути подоцна, во 16 часот и 20 минути дошло до експлозија.

Засега нема официјална потврда дека жената од видеото и фотографиите е одговорна за бомбашкиот напад во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу утринава изјави дека лицето кое ја оставило бомбата на шеталиштето е уапсено заедно со уште 21 лице.

Тој, сепак, не кажа од кој пол е лицето, но рече дека е поврзано со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).

Тој откри дека прелиминарната истрага покажала дека наредбата за нападот била од Сирија.

„Наша оценка е дека наредбата за напад дојде од Аин ал Араб во северна Сирија, каде што има седиште на ПКК/ЈПГ“, рече тој.

Потпретседателот Фуат Октај, кој го посети местото на експлозијата, спомна дека бомбашот би можела да биде жена.

Министерот за правда Бекир Боздаг исто така изјави дека жената седела на клупа на улицата повеќе од 40 минути, а експлозијата се случила само неколку минути откако таа станала.

Сепак, засега нема официјална потврда за полот на уапсеното лице.

Турските медиуми јавија дека шеталиштето е повторно отворено за пешаци по експлозијата.

Слични содржини