(видео) Стано: Белград и Приштина не работеа доволно на спроведување на преземените обврски

Она што можам да го кажам е дека, за жал, недоволно е направено за имплементација на договорените спогоби меѓу Белград и Приштина, вели Стано.

од Бети Божиноска

Портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, посочи денеска дека во рамките на  дијалогот меѓу Белград и Приштина не е направено доволно за спроведување на преземените обврски, додавајќи дека приоритет на ЕУ е двете страни да почнат да ги спроведуваат договорите, пренесува „Косово онлајн“.

Стано нагласи дека ЕУ никогаш не ја подготвува однапред агендата за претстојните состаноци во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, без разлика дали тие се одржуваат на средно или на високо ниво.

„Она што можам да го кажам е дека, за жал, недоволно е направено за имплементација на договорените спогоби меѓу Белград и Приштина. Главниот приоритет на ЕУ е страните да започнат со спроведување на обврските што ги презедоа и тоа доброволно“, посочи тој.

Стано вели дека од клучно значење е двете страни што поскоро да се фокусираат и да почнат со имплементација, што, како што вели, ЕУ неколкупати го повторила. Тој наведува дека процесот на дијалог има поединечни чекори и процедури и дека не може да се коментираат поединечно секој ден во јавноста.

Стано наведува и дека не е работа на ЕУ да коментира за секоја средба на луѓето во српската администрација со различни луѓе. Кога станува збор за инцидентот во Бањска на 24 септември, Стано вели дека ставот на ЕУ е јасен.

„Го чекаме конечниот официјален извештај од истрагата и потоа сигурно ќе видиме чија е одговорноста. Досега не сме виделе таков извештај овде во Брисел“, рече тој.

За потсетување, во селото Бањска во близина на Звечан во севернно Косово прво беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку, а потоа во пресметка меѓу косовската полиција и вооружената група, убиени беа тројца напаѓачи од српска националност.

 

Слични содржини