Владата конечно ја презеде Универзална – СДСМ и ВМРО се договорија да ја гради Министерството за култура

од Nikola Popovski

Владата успеа да ја презеде Универзална сала. Ова е епилогот од гласањето на последната седница во Советот на Град Скопје, откако „за“ гласале 26 советници од редовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Против биле само советниците од Левица, а еден советник бил воздржан.

Со ова се задолжува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура. 

Иницијативата беше поднесена од страна на коалицијата предводена од советничката група на СДСМ. Универзалната сала е затворена пред седум години.

Реконструкцијата со месеци е запрена, откако Арсовска во март годинава посочи дека проектот по кој се работи има грешки и е небезбеден. Таа нагласи дека работите ќе продолжат, но откако ќе се направат измени во проектот со кои ќе се гарантира безбедноста на сите граѓани кои ќе ја посетат салата кога ќе биде завршена реконструкцијата. Во меѓувреме беа направени бараните измени во проектот, направено е ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое било неопходно да се изврши измена на првичниот договор за којшто Град Скопје поднело допис до Владата.

Оваа иницијатива пред шест месеци првпат се најде на дневен ред на седница на Советот, но тогаш не беше изгласана, оти мнозинството советници сметаа дека Град Скопје сам треба да ја продолжи обновата.

Сепак и покрај тоа, реконструкцијата на фасадата не продолжи, а за внатрешноста на салата, како што истакна претходно Арсовска, немало ниту проект ниту биле обезбедени пари од Владата. Инаку, за реконструкција на надворешниот дел на Универзална, Владата, уште во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, обезбеди два милиона евра.

Слични содржини