ВМРО-Народна бара оставка од Петровска и демарш до српската амбасадорка: „Бевме наречени јужна Србија“

од Nikola Popovski

ВМРО-Народна партија побара оставка од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, поради како што велат, грубо рушење на македонскиот суверенитет и идентитет.

-На 30 јуни во Штип во присуство на локалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и црковни великодостојници на Македонската православна црква, беше одбележана 110-годишнината од брегалничката битка и откривање на обновената од страна на Република Србија постојна спомен плоча, пишуваат од партијата, наведувајќи дека според нив интересен е моментот со кој се потврдува фактот дека на нетранспарентен начин помеѓу Северна Македонија и Република Србија е потпишан договор за обновување на сите споменици кои во времето на Караѓорѓева Југославија биле изградени на територијата на Македонија, а уште поизненадувачки е фактот дека на сите досега обновени споменици се допишува дека „се срушени во време на бугарската фашистичка окупација“.

-Господинот Зоран Антиќ – државен секретар во владата на Република Србија во својот говор Македонија ја нарече ‘стара Србија’ и ‘јужна Србија’, а сето тоа под знамето на Република Северна Македонија и пред македонски војници и владини и претставници на локалната власт. Оттука, ВМРО-Народна партија бара од министерката за одбрана, поради ваквото грубо рушење на македонскиот суверенитет и идентитет, да си поднесе оставка, министерот за надворешни работи да врачи демарш на амбасадорката на Република Србија, а очекуваме претседателот на Северна Македонија јавно да го осуди овој чин и со тоа покаже принципиелност во својата балканска политика, стои во реакцијата на партијата на Љубчо Георгиевски.

Слични содржини