Во лизгање на земјиште во Кина затрупани најмалку 47 лица, има жртви

од Stefanija Kuzmanovska

Во лизгање на земјиштето во кинеската провинција Јунан рано утринава загинаа две лица, а десетици се водат како исчезнати, додека спасувачките операции се во тек по снежниот терен на температури под нулата.

Најмалку 47 лица од 18 домаќинства се водат како исчезнати, објави државната кинеска централна телевизија (CCTV). Две исчезнати лица се пронајдени мртви.

Одронот погоди две села во југозападниот град Жаотонг, покривајќи куќи во подножјето на ридот, објави CCTV.

„Планината штотуку се урна, десетици беа затрупани“, изјавил очевидец за државната телевизиска станица од соседната провинција Гуижоу. Тој навел дека четворица негови роднини се затрупани под урнатините.

„Сите спиеја во своите домови“, кажал тој.

Не е јасно што го предизвикало одронот.

Кина испрати речиси 1.000 спасувачи и 200 спасувачки возила, се вели во соопштението. Кинескиот потпретседател Џанг Гуокинг заминал со работна група на местото на одронот за да ја води спасувачката работа.

Повеќе од 500 луѓе се евакуирани од своите домови.

Јунан е една од неколкуте провинции во јужниот регион на земјата која моментално се соочува со екстремно ниски температури, наведува Националниот метеоролошки центар.

Слични содржини