Во мртовечниците нема место, па починатите од Ковид-19 ги чуваат во метални контејнери

од Nikola Popovski

Гробиштата во германскиот град Ханау започна привремено да ги поставува починатите тела од Ковид-19 во метални контејнери, бидејќи болничките мртовечници се веќе полни.

„За жал, ситуацијата во Ханау се смени толку многу што сега треба да ги користиме контејнерите што ги имавме тука превентивно од април“, изјавила Александра Кински, управител на гробиштата и крематориумот во Ханау, во близина на германскиот финансиски центар Франкфурт.

Таа посочила дека двете тела веќе биле сместени во метален контејнер во кој има место за 25 тела и истакнала дека мртвите биле чувани таму само кратко по смртта.

„Ако некое лице умре и нема место во клиниката, тогаш телата доаѓаат и остануваат тука кратко време додека починатиот не биде пренесен на последното место, односно на гробиштата“, објаснила таа.

Германија, пофалена за нејзиното управување во првиот бран на пролетната пандемија, во средата воведе строги епидемиолошки мерки бидејќи нагло се зголемува бројот на заразени и мртви во вториот бран.

Со оглед на тоа што бројот на случаи со Ковид-19 во Германија надмина 1,4 милиони, а бројот на починати е повеќе од 24 000 луѓе, расте загриженоста дали болниците можат да се справат со ваквите бројки.

Слични содржини