Во Септември ќе се знае дали студентите ќе продолжат онлајн или со физичко присуство

од Берта Китинска

Генерален став на универзитетските професори е дека конечната одлука за начинот на кој ќе се одвива наставата во претстојната академска година не може да биде донесена пред септември бидејќи е условена од епидемиолошката ситуација во земјава.

„Сегашните показатели се добри, но никој не може да гарантира што ќе се случи доколку се реализираат стравувањата од нов есенски бран поради ширењето на Делта сојот’’ изјавија за Локално мк. професори од факултетите од областа на општествените и од природните науки.

Наставниот кадар од факултетите каде што се изучуваат општествените науки како отежувачки фактор го посочуваат фактот дека кај нив наставата се реализира во големи групи кои често бројат и по стотина студенти.

„Станува збор за млади луѓе кои се дружат и во читалните, низ ходниците. Амфитеатрите имаат мали прозорци, со што се усложнува целата ситуација’’, вели Александар Спасов, професор на правниот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј.

Оттука, физичкото присуство за професорите од овие факултети се уште има многу условувања.„Би сакале да продолжиме со онлајн наставата доколку се влоши епидемиолошката состојба и додека не се вакцинираат студентите’’, вели Спасов.

Начинот на кој ќе се одвива состојбата со пандемијата е основен услов за формата во која ќе се одвива наставата и за факултетите од областа на природните науки. Од таму како круцијален го посочуваат фактот дека изучувањето биологија, хемија или физика е речиси невозможно без вежби.„За успешно совладување на знаењата од овие науки, физичкото присутво е повеќе од потребно.Сите други опции, меѓу кои особено онлајн наставата значи осакатување на овие студенти’’категоричен е Виктор Стефов, професор на Институтот за хемија.

На овие факултети вежбите се одржуваат со физичко присуство од почетокот на април , а на овој начин се реализираат и писмените испити.Според него, онлајн наставата е сепак само замена.„Кој што сака нека каже, но физичкото присуство е ненадоместливо. Изминатата година држев онлајн предавање на 40-тина студенти и не успеав да добијам вистинска слика за секој од нив’’вели Стефов. Како комплетно различно го посочува искуството кога има директна комуникација со студентите во која му е многу појасно кој дел од материјата е совладан, а на кој уште треба да се работи.

Идентичен став има и професорот Спасов од правниот факултет. Според него, ништо не може да ја замени наставата во живо, бидејќи како што вели „онлајн наставата е само компензација’’. Како пример ја посочува вежбата за практично решавање на случај кој пред групата треба да ја изведе еден студент. Ова е речиси невозможно да се постигне преку онлајн настава’’,вели Спасов. Покрај образовните, како особено важни ги посочува психолошките и социјални моменти на студирањето.„Универзитетот не е само зграда, туку е и дух, место каде што студентите се социјализираат, градат основи на идните професионални контакти. Сега тие дури и не се познаваат меѓусебно’’, заклучува Спасов.Не се согласува со дехуманизацијата која на овој начин се создава и вели„ Не ја отфрлам дигитализацијата но не сум од оние кои велат дека е завршена ерата на физичко приуство’’.

Испитната сесија која во моментов трае на поголемиот број факултети се одвива комбинирано.Секој од професорите има опција, а најчесто одлуката се носи во зависност од природата на предметот. Досегашното искуство и примери покажуваат дека поголемиот број професори се одлучуваат за онлајн испити. Онаму каде што тие се реализираат со физичко присуство има строги протоколи. Местата на седење се однапред обележани, носењето маски е задолжително, пред влегувањето во амфитеатрот студентите се обврзани да ги дезинфицираат рацете, прозорците се постојано отворени, а по истекот на секои два часа просториите се дезинфицираат.

Универзитетските професори не се меѓу приоритетните групи за вакцинирање, што е според нив огромен пропуст, особено ако е има предвид дека во останатите држави вработените во образованието беа меѓу првите кои се имунизираа.

K.В.С.

Слични содржини