Во знак на протест, Том Круз ги врати трите освоени Златни глобуси

од Stefanija Kuzmanovska

„Лос Анџелес Тајмс“ неодамна објави обемен извештај за Hollywood Foreign Press Association, организацијата која стои зад доделувањето на наградите „Златен глобус“. Оваа организација се состои од 86 новинари и во последните години се споменува во негативен контекст, од фактот дека членовите се подготвени да примат мито во замена за номинации за награди па натаму.

Овој пат „Лос Анџелес Тајмс“, меѓу другото, објави дека нема ниту еден новинар со темна кожа меѓу членовите на HFPA и дека е очигледно дека не се внимава на етничката разновидност или етичките правила на играта во врска со сомнежот за поткуп на членовите.

Набрзо Холивуд се крена на нозе. Прво, актерката Скарлет Јохансон, која досега беше номинирана за Златен гобус четири пати, побара од Холивуд да се оддалечи од HFPA сè додека не се спроведат потребните реформи во таа организација, а слично барање побара и актерот Марк Руфало.

Челниците на „Нетфликс“ и „Амазон студио“ во понеделникот соопштија дека ги прекинуваат врските со HFPA сè додека не ги спроведат потребните реформи, додека Ен-Би-Си објави дека нема да ги емитува наградите „Златен глобус“ следната година. Ен-Би-Си ги плаќа правата за емитување на церемонијата на доделување награди околу 60 милиони долари годишно.

HFPA наскоро организираше состанок на кој гласаа за усвојување на реформите. Нивната цел е да го зголемат членството и во текот на следните две години тие ќе примат уште 40 члена, притоа осигурувајќи се дека се вклучени и новинари со темна кожа. Тие ќе назначат лице во одборот кое ќе биде директор задолжен за етничка различност, а покрај сето тоа, Али Сар, претседателот на HFPA, изјави дека им претстои тешка работа за да станат подобрa организација.

Меѓутоа, многумина, како организацијата Time’s Up, веруваат дека ова се само козметички промени што нема да донесат значителни промени во работата на HFPA. Тие, меѓу другото, бараат заминување на Џорџ Гекнер, еден од водачите на HFPA, човек кој не е новинар, но се смета за сива еминенција на целата организација.

Како резултат на сето тоа, Том Круз реагираше со враќање на трите Златни глобуси кои ги освои во знак на протест против HFPA, пишува „Холивуд репортер“.

Првата награда „Златен глобус“ за најдобра машка улога ја доби во 1990 година за улогата во „Роден на 4 јули“, потоа во 1997 година за улогата во „Џери Мегваер“, додека во 2000 година освои „Златен глобус“ за споредна улога во филмот „Магнолија“.

Слични содржини