Воениот синдикат на Србија: Власта го враќа задолжителниот воен рок затоа што ја уништи српската војска

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Воениот синдикат на Србија, Новица Антиќ, денеска оцени дека никој од власта не сака да ја преземе одговорноста за уништувањето на српските вооружени сили како институција и поради тоа сега се обидуваат да го вратат задолжителниот воен рок.

Тој за „Бета“, во врска со предлогот на Генералштабот до претседателот на Србија Александар Вучиќ за повторно активирање на воениот рок, изјавил дека тоа е референдумско прашање.

„Не гледам на која основа го предлагаат тоа. Тоа не може да се воведе поради многу причини, меѓу другото и поради Приговорот на совеста во Уставот на Србија. Значи повторно се враќаме на доброволноста, бидејќи нема модел, нема јавна дискусија“, навел Антиќ.

Тој додал дека на војската на Србија ѝ се потребни 10.000 регрути месечно, но се отвора и прашањето за родовата застапеност и дали задолжителниот воен рок ќе важи и за жените.

„Ваквата одлука ќе бара промени на целиот сет на воени закони. Од 2010 година немаме задолжителен воен рок, според податоците на Генералштабот лани војска ја напуштиле 12.000 лица. Вработените во Армијата се маргинализирани, работат прекувремено, не се гледаат со семејствата, немаат топол оброк, а нивните плати се нешто повеќе од минималната плата“, заклучува Антиќ.

Слични содржини