Вучевиќ ќе ја прифати оставката на Весиќ, очекува уште неколку во наредните денови

од Nikola Popovski
298 прегледи

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјавил дека ќе ја прифати оставката на тамошниот министер за градежништво и инфраструктура Горан Весиќ, по трагедијата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 14 лица, а тројца се потешко повредени.

-Ќе ја прифатам оставката на министерот Весиќ, со благодарност за се што направи за време на неговиот мандат, изјавил денеска Вучевиќ од Шангај.

-Одлуката на Горан Весиќ е чин на одговорен човек кој е свесен дека кога ја извршувате најважната функција имате и товар на одговорност. Не се сомневам дека Весиќ субјективно не е виновен за ништо што се случи на 1 ноември во Нови Сад, додал Вучевиќ.

Српскиот премиер изјавил дека Весиќ е објективно одговорен бидејќи е министер на тој ресор.

-Од друга страна, имавме неколку телефонски разговори во претходните денови, со благодарност ќе ја прифатам неговата оставка за се што направи за време на мандатот на оваа и на претходната влада. Не можам да кажам дека не си ја заврши работата, но во политиката има одговорност за работи кои не се твоја лична вина. Ја разбрав неговата порака и оставка, изјавил Вучевиќ.

Тој посочи дека би било нелогично се да заврши со оставка на Весиќ.

– Ќе дадеме уште 24 часа да видиме дали тие што беа задолжени за одредени прашања, а во однос на одговорноста за која зборуваме, ќе се сетат на себе. Очекувам оставки во наредните денови, додал Вучевиќ.

Трите лица кои беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад сè уште се во тешка состојба и нивните животи се во опасност.

Поради оваа трагедија од граѓаните беа организирани два протести, во саботата во Нови Сад и во неделата во Белград. Новосадската опозиција најави голем протест за вторник во 18 часот пред железничката станица.

Слични содржини