Вучиќ бара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради укинувањето на динарот на Косово

од Stefanija Kuzmanovska
222 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста истакнал дека според Бриселскиот договор и во сите други договори Србија има нормативно право за финансирање на одредени активности за косовските Срби, како здравството, образованието, пензиите, што е предвидено и во идната Заедница на српски општини (ЗСО), потенцирајќи дека укинувањето на динарот никогаш не било тема на дијалогот со Приштина и оти косовскиот премиер Албин Курти самоиницијативно донел одлука за укинување на динарот како платежно средство.

„Овој пат, односот меѓу земјите од Квинтата и најголемите западни сили, сите, речиси сите членки на Европска Унија или институциите на ЕУ, е поинаков. Ако ги следите нијансите во тие реакции, ќе видите дека дури и американското соопштение е нешто посилно од она на ЕУ и верувам дека западните партнери ќе си го одржат зборот и ќе се обидат да се изборат за основните права на српското население“, истакнал Вучиќ.

Тој додаде дека со Приштина има дијалог, но дека целта на Курти е етничко чистење на Србите од Косово, или како што пишува во Конвенцијата за геноцид, „намерно подложување на Србите на ненормални услови за живот“.

Вучиќ порача дека за укинување на динарот нема да има разговори меѓу Народната банка на Србија и Централната банка на Косово и дека Приштина кога ги бара тие разговори всушност бара признавање.

„Србија ќе продолжи да обезбедува доволно парични средства за Србите на Косово, за што денес се веќе исплатени пет милиони евра, а предвреме ќе исплатиме уште 22 милиони евра за плати, пензии други давачки“, додаде тој.

Вучиќ најави дека Србија в понеделник ќе поднесе писмено барање за одржување на седница на Советот за безбедност на ОН за Косово, изразувајќи надеж оти седницата ќе се одржи и изјави дека освен членките на Советот за безбедност на ОН, ги известил и сите земји членки на ЕУ за сите ескалирачки потези на Приштина во изминатите две години, наведувајќи што сè бара Србија од меѓународната заедница во согласност со Уставот и резолуцијата 1244.

Вучиќ потсети дека Србија од први март ќе има единствен пазар со Северна Македонија и Албанија и додаде дека смета дека ова е одлична работа за луѓето од регионот.

Слични содржини