Забрчанец: Нашата демократска приказна е посилна од лажните вести, медиумската писменост е заеднички влог

од Nikola Popovski

Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата на Северна Македонија, Марјан Забрчанец, во своето излагање на онлајн конференцијата на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“ имплементирана од Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“, поддржана од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“, истакна дека Владата уште во 2019 година креираше Акциски план против дезинформации кој претставува платформа за транспарентно работење, за информирано и едуцирано население, за медиумска писменост, за безбедно користење интернет, за поддршка на саморегулацијата која ја спроведе медиумската фела во делот на порталите, како и за брзо реагирање во случај на кризи.

„Оваа платформа е отворена и ќе остане отворена со цел секој чинител да си го пронајде своето место и за да се обезбеди демократска и вредносна брана од опасностите кои ги носат дезинформациите”, подвлече Забрчанец.

Во своето излагање тој исто така истакна дека се залага за пресврт, односно за промена во јавниот наратив со цел охрабрување на населението и доминација на свеста и фактите над дезинформациите.

„Дезинформациите прават штета, но не смееме да им придаваме повеќе моќ отколку што реално имаат. Не велам дека треба да ги потценуваме центрите за манипулација, но да не дозволиме да нè втурнат во страв и несигурност.

Нашата демократска приказна е многу поголема од она против што се бориме односно од дезинформациите. Сакаме да наметнеме проактивна наместо реактивна агенда, но притоа да не ја намалиме перцепцијата за степенот на штетност на лажните вести. Повеќе да зборуваме за активна транспарентност, за медиумска писменост, за професионално новинарство, за ново дигитално медиумско известување“, подвлече Забрчанец.

Тој ја истакна важноста за ревидирање на курикулумите за комуникации и новинарство и дека генерациите од 21 век не можат да учат за новинарството од 20 век, кое постои само во учебниците.

„Сакам да ја изразам нашата подготвеност да бидеме партнери на академската заедница, на граѓанскиот сектор и медиумите, со цел заеднички да ги унапредуваме граѓанските вредности“, истакна Забрчанец.

Слични содржини