Заев: За нас како држава, важно е да ја знаеме бројката на иселени лица и за да можеме правилно да ги димензионираме и насочиме услугите

Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил посочува дека попишувањето на дијаспората е во тек, а досега се попишани над 50 илјади лица.
„Попишувањето на нашата дијаспора е во тек и досега се попишани повеќе од 50.000 лица. Македонските државјани кои подолго од една година живеат во странство имаат можност на едноставен начин, да се самопопишат и на тој начин да се впишат во базата на нерезидентно население преку линкот https://census.stat.gov.mk/.
Целта на самоопишувањето на нашите иселеници во странство во што е можно поголем број е државата да има јасна слика за бројот на лицата кои се отселиле, нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период.
Овие податоци се од исклучителна важност за анализа и изработка на стратегии, за политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување силни и трајни врски меѓу македонските граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората.
За нас како држава, важно е да ја знаеме бројката на иселени лица и за да можеме правилно да ги димензионираме и насочиме услугите кои дипломатско-конзуларните претставништва им ги нудат на нашите државјани кои живеат и работат во странство.
Од економски аспект, податоците од самопопишувањето ќе претставуваат основа за анализа на потенцијалот на македонските државјани во странство. На пример, дали имаат некакви инвестиции во земјата, дали располагаат со имот во државата кој би можел повторно да се активира, што би требало да направи државата за да го привлече нивното внимание и интерес за вложувања, дали имаат фамилии во татковината за кои тие се грижат и материјално ги помагаат. Ќе може да се направи анализа на нивната образовна и економска структура за да се оцени дали може да се искористи нивниот потенцијал во земјава или во странство, како емисари на татковината од која потекнуваат.
Затоа, ги повикувам нашите иселеници, целата дијаспора, да одвојат 10 минути од своето време и преку едноставната апликација да се попишат и со тоа да придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот во татковината од која потекнуваат и каде што се надеваме дека повторно ќе се вратат.
Ги повикувам и сите жители кои живеат во државата да ги пренесат овие информации до своите роднини и фамилии во дијаспората, зашто секој е важен, секој попишан е богатство за нашата држава“, се вели во објавата на Заев.

Слични содржини