Загрижувачки податоци: Половина милион Македонци не завршиле средно училиште

од Берта Китинска

Над 508 илјади граѓани во Северна Македонија немаат завршено ниту средно образование, а над 672 илјади граѓани немаат високо образование. Во земјата има 18.897 неписмени лица или 1.2 проценти, од кои најголемиот број се жени – 13 380, соопшти Државниот завод за статистика по спроведениот „Попси“.

Половина милион од попишаното население или воопшто не поминало низ образовниот процес, или пак го започнале школувањето, но не завршиле ниту осмо одделение. Или посликовито прикажано преку пописните бројки: 23.192 лица или 1.5 % од граѓаните се без образование, 62.129 лица или 4.1 % се со незавршено основно образование, а 423. 456 лица или 27.8 % се само со основно образование.

Средно образование имаат завршено 672.375 лица или 44.1 %, додека високо образование имаат завршено 263. 349 граѓани или 17.3 %. Своето знаење со магистратура го заокружиле 29.654 македонски граѓани или 1.9 %, додека 6.037 лица или 0,4 % имаат и докторат. Од Заводот за статистика укажуваат и дека за 45.174 лица или 3.0 % нема податоци за нивната школска подготовка.

Од оние коишто поминале низ образовниот процес, најголемиот број се одлучиле да се школуваат во областа на инженерство, производство и градежништво. Со вакво образование се стекнале 189.736 лица или 18.7 %. Најмал интерес има информатичко-комуникациски технологии – вакво образование имаат само 19. 044 лица или 1.9 % од граѓаните.

Токму најбројната категорија на граѓани, оние коишто имаат завршено само средно образование, имаат и најголем проблем да се вработат. Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени – 56. 701 лице се со средно образование од кои 34.313 се мажи и 22. 388 се жени. Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1. 525. 366 лица, од кои 717. 769 лица се дел од активното население (608. 520 лица се вработени, а 109.249 лица се невработени). Поголема е бројката на неактивни лица во државата – изнесува дури 768 549. Во оваа категорија спаѓаат ученици, студентите, домаќинките, пензионерите, но и оние коишто се невработени или пак не бараат никаква работа.

Слични содржини