„Загрозен уставниот поредок“: Саботажа на гасоводот на новиот ЛНГ терминал на северот на Германија

од Vladimir Zorba

Федералното јавно обвинителство во Карлсруе отвори истрага против непознати сторители за оштетување на гасоводот што води од новиот терминал за ЛНГ во Брунсбутел на Северното Море до постојната гасоводна мрежа, соопштено е во четвртокот.

„Сојузното државно правобранителство презеде истрага поради основано сомнение дека се работи за саботажа што го загрозува уставниот поредок на Германија“, изјави портпаролката на обвинителството во Карлсруе. Сојузното јавно обвинителство во Карлсруе ги презема случаите во кои постои сомневање за дела насочени кон загрозување на уставниот поредок на Германија.

Како што јавија повеќе локални медиуми во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, непознати сторители направиле најмалку три дупки со дијаметар од 10 милиметри на гасоводот долг 55 километри. Штетата наводно настанала уште во ноември.

Терминалот за ЛНГ во Брунсбител требаше да почне со работа на крајот на минатата година, а не се знае дали доцнењето на неговото ставање во функција е поврзано со оштетувањето на гасоводот.

По рускиот напад врз Украина и недостигот на испораки на природен гас од Русија, германската влада одлучи да изгради неколку терминали за течен гас. Досега веќе се склучени неколку договори за увоз на течен гас, меѓу другите со Катар и Норвешка.

Германија користеше ЛНГ терминали во Белгија и Франција во минатото, кога имаше потреба за тоа.

Членовите на движењето за заштита на животната средина се против изградбата на вкупно шест пловечки терминали за ЛНГ.

Слични содржини