Захарова најави „одговор“ на протерувањето на руските дипломати: „С. Македонија ги води билатералните односи во ќорсокак“

од Nikola Popovski

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, реагираше на протерувањето на руските дипломати од Македонија. Таа соопшти дека „на 12 септември властите на Северна Македонија без образложение прогласија тројца дипломати од руската амбасада во Скопје за персона нон грата“.

Претставничката на руското МНР забележува дека „властите на Северна Македонија продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и ги водат билатералните односи, кои и онака се во длабока криза, во ќорсокак“.

„Одлуката за протерување на нашите колеги ја сметаме за ирелевантна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им ја покаже на западните чувари своjата важност во борбата против замислената „руска закана“, додала Захарова и информирала дека неодговорниот и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор.

Нашето Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека тројца руски дипломати биле протерани затоа што презеле „активности што се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Во соопштението се наведува дека во вторник, 12 септември, амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин бил повикан во МНР, каде му била врачена дипломатска нота со која тројца дипломати од руската амбасада во Скопје се прогласени за персона нон грата.

„Ваква одлука е донесена по добиени информации од властите дека преземаат активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, соопшти МНР.

Слични содржини