Закерберг за критиките за Threads: Десетици милиони луѓе се враќаат секој ден

од Stefanija Kuzmanovska

Апликацијата Threads имаше исклучително силен почеток, надминувајќи 100 милиони корисници за неколку дена од своето деби, а само седум дена по нејзиното лансирање, бројката се заокружи на 150 милиони.

Сепак, извештајот на аналитичката компанија Similarweb покажа дека употребата на Threads веќе е преполовена од нејзиниот првичен скок, тврдејќи дека дневните активни корисници на мрежата паднале од 49 милиони на 23,6 милиони за само една недела.

Се разбира, благ пад во користењето е вообичаено откако првичниот интерес за нова социјална апликација ќе згасне. Има наплив на рано ангажирање бидејќи корисниците ги поставуваат своите сметки, ги следат пријателите и ги објавуваат своите први објави, но набргу потоа треба да сфатат како апликацијата се вклопува во нивниот секојдневен живот меѓу сите други социјални апликации што ги користат за вмрежување и поврзување со другите.

Сепак, Закерберг ги истакнува бројките постигнати од апликацијата како победа, а не како загуба.

„Многу сум оптимист за тоа како заедницата Threads се здружува“, напиша Закерберг на Threads во понеделникот.

„Раниот раст беше надвор од сите граници, но уште поважно е што десетици милиони луѓе сега се враќаат секој ден. Тоа е многу понапред од она што го очекувавме“, додаде тој.

„Фокусот до крајот на годината е да се подобри самата апликација и начинот на задржување на корисниците. Ќе биде потребно време да се стабилизира, но штом ќе го направиме тоа, ќе се фокусираме на растење на заедницата. Многупати сме започнале проект (FB, IG, Stories, Reels итн.) и уверен сум дека и Threads е на вистинскиот пат“, додаде Закерберг.

Неговите забелешки уследија по претходните изјави на шефот на Instagram, Адам Мосери, дека фокусот во моментов не бил „ангажман“, туку „да се надмине првичниот врв и пад што го гледаме со секој нов производ“.

Тој, исто така, потврди дека растот, задржувањето и ангажираноста на Threads се далеку пред проекциите на компанијата. Со други зборови, засега во Меtа не се загрижени за мали падови во користењето, дознава TechCrunch.

Слични содржини