По критиките од известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц дека нема реформи и напредок во земјава во делот на бобата со корупцијата и функционирање на законодавството, премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој од известувачот слушнал сосем спротивен извештај.
На прашањето на „Локално“ како ја коментира последната изјава на Вајц, премиерот одговори: „Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Вајц. Јас тој извештај што го слушав е комплетно спротивен од вашето прашање“.
Вајц во интервју за „Euronews Bulgaria“ изјавил дека во последната година во Македонија не виделе ниаков напредок и никакви реформи.
-И не станува збор само за започнување преговори, туку и за реформската агенда, Планот за раст. Ако земјата не ги спроведе потребните реформи, 47-те милиони евра нема да одат кај неа, туку кај соседните земји, изјавил Вајц.
Известувачот кажал дека најважните реформи за пристапување во ЕУ се сите реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, обезбедувањето независни судски системи што обезбедуваат правда за граѓаните, но и за бизнисот. Тој посајнил дека земјата без соодветен статус на владеење на правото не може да привлече странски инвстиции и дека тоа е многу важно, бидејќи и во Унијата се уште се борат со корупцијата.
-Прашањето е дали имаме институции, дали имаме законодавство, дали имаме власти кои се способни и спремни и имаат политички простор да дејствуваат во борбата против корупцијата или не. И сè уште треба да видиме подобрувања во оваа насока и од страна на Северна Македонија и Владата на Северна Македонија. Ова е јасно наведено и во извештајот, посочил Вајц.
Според Вајц ако Македонија се обврзе на сериозни реформи, ќе може да се приклучи на Албанија и Црна Гора во процесот на пристапување.
-За жал, досега не гледам дека се преземаат потребните реформи. Во овој момент, не гледам политичка волја од страна на владата да се обврзе, да се обврзе сериозно, особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството, заклучил Вајц во интервјуто.
Е.Б.