Застрашувачка проценка на научниците: Глобалното затоплување ќе убие милијарда луѓе

од Stefanija Kuzmanovska

Ако глобалното затоплување достигне или надмине 2 степени Целзиусови до 2100 година, главно богатите луѓе и земји ќе бидат одговорни за смртта на повеќе од милијарда главно сиромашни луѓе во следниот век, тврди во истражување Џошуа Пирс, професор на Универзитетот во Западен Онтарио во Канада, објави Phys.org.

Нафтената и гасната индустрија, еден од најпрофитабилните и највлијателните бизниси во светот, е директно и индиректно одговорна за повеќе од 40 отсто од емисиите на јаглерод диоксид, што влијае на животите на милијарди луѓе, од кои многу живеат во оддалечени и сиромашни заедници. Нова студија предлага агресивни зелени закони, што би довело до значително и нагло намалување на емисиите на штетни гасови, како и зголемено ниво на дејствување од страна на владите, корпорациите и граѓаните во процесот на декарбонизација на глобалната економија, се со цел да се намали бројот на жртвите.

„Таа бројка на мртви е неприфатлива. Тоа е многу страшно, всушност, особено за нашите деца. Кога климатолозите ги пријавуваат своите модели, сите тие се обидуваат да бидат конзервативни, бидејќи никој не сака да звучи како д-р Пропаст. Го направивме тоа и сè уште ништо не изгледа добро“, истакна Пирс, шеф на Одделот за информатичка технологија и иновации на Универзитетот во Западен Онтарио и главен автор на студијата.

Голем преглед на повеќе од 180 статии од научната литература, во кој учествуваше коавторот на студијата Ричард Парнкат од Универзитетот во Грац, Австрија, беше објавен во списанието Energies. Двајцата откриле пресметка според која се проценува дека на секои 1.000 тони согорени фосилни горива, едно лице умира предвреме.

„Енергетските бројки како мегавати значат нешто за инженерите како мене, но не и за повеќето луѓе. Слично на тоа, кога климатските научници зборуваат за честички на јаглерод диоксид во воздухот, тоа не значи ништо за повеќето луѓе. Неколку степени на просечна температура исто така не се загрижувачки. Сепак, бројот на мртви е нешто што сите ќе го разберат. Ако консензусот на научниците за 1.000 тони се сфати сериозно и се проверат бројките, тогаш антропогеното глобално затоплување води до една милијарда предвремени смртни случаи во следниот век. Јасно е дека мора брзо да реагираме“, наведува Пирс.

Како експерт за енергетска политика, тој се надева дека менувањето на јазикот и мерењето на глобалното затоплување може да направи повеќе законодавци и индустриски лидери подобро да разберат колку е опасна зависноста на светот од фосилните горива.

„Како што климатските модели стануваат појасни, штетата што ја правиме на децата и на идните генерации се повеќе може да се припише на нашите постапки“, рече Пирс.

Откако ќе се признаат овие врски, емисиите на стакленички гасови повеќе не можат да се игнорираат, велат тие. За да се запре загадувањето и да се спасат многу човечки животи, човештвото мора да престане да користи фосилни горива што е можно поскоро и со многу поагресивен пристап.

Слични содржини