Зеленски: Нема да разговараме за Украина „малку подоцна“. Украина не е „малку подоцна“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека војната во Иран го одвлекла вниманието од руската агресија врз неговата земја

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Фејсбук/Володомир Зеленски

Во разговор за Си-Ен-Ен оцени дека постои „голем ризик“ во ставот дека напорите за запирање на борбите во Украина можат да се одложат додека не се реши конфликтот во Иран.

Зеленски вчера, во разговор со Кристијанe Аманпур од својата канцеларија во Киев, изјави дека, и покрај техничките разговори што се водат со САД, тој не „гледа можност за средба… сè додека прашањето за Иран не се затвори“.

Тој истакна дека „предизвик“ е тоа што истиот американски преговарачки тим – предводен од пратеникот Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер – води разговори и за Иран и за Украина.

Иако разбира дека САД во моментов се фокусирани на војната во Иран, нагласи дека е важно да не се заборави Украина, каде што борбите продолжуваат. Украинскиот лидер порача дека одложувањето не е опција. „Нема да разговараме за Украина ‘малку подоцна’. Украина не е ‘малку подоцна’. Украина веќе се наоѓа во толку голема трагедија, мора да најдеме начин тоа да го решаваме паралелно.“

Зеленски за Си-Ен-Ен исто така изјави дека војната ги нарушила испораките на клучно оружје за Украина, особено противбалистички ракети. Наведе дека Украина не ги добива во доволни количини поради ограничените производствени капацитети на САД.

Интервјуто за Си-Ен-Ен следуваше само неколку часа откако Европската Унија конечно одобри клучен заем од 90 милијарди евра за Украина, а Зеленски тогаш порача дека добивањето на тие средства за неговата земја е прашање на „живот и опстанок“.

Заемот, ветен на Киев пред неколку месеци, долго време беше одложуван поради блокадата од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, кој бараше Украина повторно да го воспостави протокот на руска нафта кон Европа. Неговиот убедлив пораз на парламентарните избори минатата недела ја отстрани таа пречка. Во средата беше обновен транзитот на нафта преку украинскиот дел од нафтоводот „Дружба“, а амбасадорите на ЕУ дадоа прелиминарна согласност за заемот.

Зеленски објасни дека Украина без тие средства се соочува со тешкотии во производството на вооружување со полн капацитет. Како пример ги наведе пресретнувачите на дронови, за кои рече дека Украина моментално произведува околу 1000 дневно, иако има капацитет за 2000. „Но немаме финансиски средства. Тоа навистина е прашање на нашиот живот, опстанок и одбрана, тие пари ни се неопходни“, изјави тој за Си-Ен-Ен.